Богородица, Мајката на нашиот Господ, била, е и ќе биде почитувана отсекогаш. Нејзината улога е исполнувањето на Божјата промисла е клучна, на дело покажувајќи ја својата смиреност со зборовите: Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои! (Лука 1:38). Непосредните сведоци на нејзиното величие го потврдуваат преку своите списи, каде ја опишуваат како најсовршената Божја творба, а и отците кои се среќаваат во историјата од 2-ри до 5-ти век, па и потоа, и оддаваат посебна чест, како најчиста од сите луѓе – Пречиста.
Св.Дионисиј Ареопагит (+96) кој беше покрстен од св.ап.Павле ја посетил Богородица во Ерусалим, а потоа му го пишал на св.ап.Павле следново:
Невозможно е за човечкиот ум да го поими тоа што го видов, не само со очите на мојата душа, туку и со моите телесни очи. Со своите очи ја видов најпрекрасната и света Мајка на нашиот Господ Исус Христос .... Тоа време за мене беше време на неопислива радост, благодарејќи на највозвишениот и најславниот Бог, и божествената Дева, големиот Апостол Јован, и тебе (св.Павле), за вашето милосрдие што ме дарувавте со толку голем благослов.
Св.Игнатиј Богоносец (35-106) на својот учител – св.Јован Богослов му го пишува следново:
Ми се даде можност, и планирам да дојдам кај вас за да ги видам верните во Ерусалим, а особено Мајката на Исус; за неа велат дека таа е чесна, мила, и возвишено чудо во се, и сите сакаат да ја видат. А кој не сака да ја види Девата и да беседи со онаа која го носеше вистинскиот Бог? Од нас таа е возвеличена како Мајка Божја (Богородица) и Дева полна со благодат и добродетели. Велат за неа дека е радосна во маките и гонењата, не жали во немаштија и оскудност, и не само што не се гневи на оние кои ја навредуваат, туку и уште повеќе добрини им укажува... сите кои ја гледаат се восхитени.
Св.Иринај Лионски (115-202) - (ученик на св.Поликарп, кој бил ученик на св.Јован Богослов)
Како што Ева беше заведена од зборот на ангел за да отстапи од Бог, бунтувајќи се против Неговото Слово, така Марија од ангелскиот збор ја прими радосната вест дека таа ќе Го прими Бог почитувајќи го Неговото слово. Претходничката беше заведена да не го почитува Бог, за Дева Марија да стане застапница на девицата Ева. Бидејќи смрта дојде во човештвото преку девица, исто така беше спасен од Дева. (Против Ересите V:19,1)
Протоевангелие според Јован, 6:2 (150)
Тие ја благословија велејќи: Боже на нашите отци, благослови го ова дете, и дај и вечно име за да ја ублажуваат сите родови. И сите луѓе рекоа: Така нека биде, така нека биде. Амин. И тој ја однесе до кај првосвештеникот и тие ја благословија велејќи: Највозвишени Боже, погледај на ова дете и благословии ја со преголем багослов кој ќе биде вечен
Мелито Сардски, Велигденска проповед (177)
Тој беше роден од Марија - неосквернатото сокровиште.
Св. Иполит Римски (170 - 235)– ученик на св.Иринеј Лионски
Бог Словото Кој не беше во тело, зеде на себе свето тело од света Дева, и подготви облекло кое Тој го зеде за Себе, како младоженец, во страдањата на крстот, за да ги обедини Својата сила со нашето трулежно тело, и да ги соедини нетрулежноста и трулежноста, и силното со слабото, Тој го спаси пропадливиот човек.
(Трактат за Христос и антихристот, 4)
Св.Григориј Неокесариски чудотворец (213 – 270)
Дево Марије, ти си кораб и Скинија која ги содржи сите тајни. Ти го знаеш она што Патријарсите никогаш не го дознаа, ти го доживеа тоа што на ангелите никогаш не им беше откриено, ти го чу она што пророците никогаш не го чуја. Со еден збор, сето она што беше сокриено од претходните поколенија ти се откри тебе; дури и повеќе, повеќето од овие чуда се однесуваат на тебе.
Св.Атанасиј Александриски (295-373)
О величествена Дево, навистина ти си повозвишена од било која возвишеност. Кој ти е рамен во твоето величие, о сместилиште на Бог Словото? Со кого од сите суштества да те споредам, Дево? Ти си поголема од сите нив, Завету, облечена во чистота наместо во злато! Ти си Арка во која е најден златен Кораб на вистинската мана кое е плот на Божеството живеалиште.
(Беседа на Папирус од Турин 71:216)
Св.Амвросиј Милански (338 – 397)
Да, навистина благословена што го надмина свештеникот (Захарија). Додека свештеникот противречеше, Дева ја исправи грешката. Без сомневање Господ, сакајќи да го спаси светот, тоа го започна со Дева Марија. Така што таа, преку која беше спасението подговтвено за сите луѓе, е првата која го доби ветениот плод на спасението.
Св. Епифаниј Кипарски (310 – 403)
Ева беше наречена мајка на живите....по падот, оваа титула и беше дадена. Вистина е...целото човештво на земјата беше родено од Ева, но во суштина од Дева Марија е Живото кој беше навистина роден за светот. Така што, раѓајќи го Живиот, Таа стана мајка на сите живи.
(Против осумте ереси 78, 9)
Од овие цитати на рано-христијанските отци јасно станува не само дека Богородица била ословувана како таква, не само што ја почитувале повеќе од било кој човек, туку и по раѓањето останала ДЕВА!