Коби останува на своето барање
Патувањето во Европа не го смени ставот на Коби Брајант, кој суперстарот го искажа уште пред месец дена, а тој е дека би сакал да биде разменет во некоја друга екипа.
Коби во петокот се сретна со сопственикот на Лејкерси, Џери Бас во Барселона, а според пишувањата на медиумите од Лос Анџелес, Бас не успеал да го предомисли својот суперстар кој останал цврсто на своето барање да биде трампан. Двајцата сосема случајно се погодија во ист период во Шпанија и одлучија тоа да го искористат за првпат да се сретнат по изјавите на Брајант минатиот месец дека веќе не се гледа себе како дел од Лејкерси. Коби беше во Барселона на одмор, а притоа и го посети тренингот на истоимениот фудбалски клуб каде се сретна со својот добар пријател Роналдињо. Бас, пак, се наоѓа на одмор во кој шета низ Европа и Кина.
Сопственикот на Лејкерси е свесен дека доколку се најде во ситуација да мора да го "трампа" Коби, тешко дека ќе најде трејд пакет во кој би добил вистинска компензација за својата прва ѕвезда. Истиот случај го имаше и пред три години кога одлучи да се откаже од Шекил О'Нил и го прати во Мајами од каде никако не доби играчи кои барем и малку можеа да се споредуваат со Шек.