Ние македонците сме посебен специмен, не е ни чудо што сме немале држава со векови, ни пак некој посебен истакнат идентитет во однос на нашите соседи. Јас искрено не познавам друг народ како нашиот што е склон кон опортунизам, кусогледост, непочитување на своето, немање на идеали и свест за колективитет, и култура на cutting corners (што би рекле Американците).
Тоа што може да се примети дека ова не е сегашен феномен, океј моментално зборуваме за овие со бугарски пасоши, ама погледнете добро во историјата (барем тоа што е достапно) дека вакви примери има премногу.
Додека Османлиската империја била моќна, голем дел од Македонците се потурчувале за да ги задржат благодетите што ги имале, мислам причината за постанување муслиман е разбирателна, зошто да им ги крадат децата, да бидат граѓани од втор ред, да им ги силуваат ќерките? Кога може со многу мала промена да бидат на поудобна позиција, и повисоко ниво во тогашната социјална стратификација во тоа општество?
Има една стара народна, дека полошо од турчинот бил потурчинот (најверојатно не е од небо падната).
Подоцна во 19ти век и почеток на 20ти век, кога опаѓа силата на тогашната империја, и кога нашите соседи првично Бугарија, Грција и Србија, пробуваат да шират влијание на оваа територија (примарно преку нивните цркви), добар дел од популацијата се исповетувал со бугари, срби, па и грци. И најинтересното е тоа што не станува збор само за најнискиот слој на општеството. Тогашното ВМРО (што денес историски го гледаме како грб на македонскиот идентитет) било компромитирано од бугараши (кои биле во раководството на организацијата) па така имаш цела организација која работи во интерес на Бугарија, за истово пишува Крсте Петков Мисирков во "За македонцките работи". Така да ова што го зборува Бугарија за таа историја не е целосна шизофренија, имаат поткрепа, исто како тоа што имаат поткрепа и со т.н бугарско малцинство (тие што имаат бугарски пасоши) во Македонија, иако ни првите ни вторите се суштински Бугари.
Во кралството Југославија имам примери од поблиска фамилија, каде што се пишувале како Срби, за да имаат подобра позиција во тогашниот систем. За ова има и физички докази, на гробовите презимињата им се со ИЌ, иако не биле Срби.
И сега ако се навратиме на денешно време, реално ништо не е променето, ни во високите ешалони, ни пак во ниските.
Ако гледаме во високите ешалони, ене го Љубчо, бившиот премиер, и еден од основачите на ДПМНЕ (ако не се лажам) е бугараш ради генерално лични интереси. Заев кој го продаде името, лубеничар од Муртино градел згради во Дубаи, каков шок. Димитров нашиот бивш министер за надворешни работи бил доушник на ЦИА, и многу други примери има да не ги набројувам.
Во ниските ешалони имате примери од тоа што околу 300к македонци гласаа за промена на името, и подоцна пак СДСМ победи на избори, знаете зошто гласаа тие за промена на името? Бидејќи голем дел од нив беа вработени преку партија, па и да не биле идеолошки за тоа, поради лични интереси беа океј со жртвување на голем дел од нашиот колектив. Пазете дека СДСМ не падна поради промена на името (ако беше така ќе паднеа во 2020 не во 2024), туку поради тоа што неможеше да го задоволи своето гласачко тело со вработувања и слични придобивки, лични примери знам за ова.
И сега кога сме кај бугарските пасоши, разбирателно е зошто ги ваѓаат пасошите, исто како што е разбирателно зошто во Османлиско време се потурчувале, причината е личен интерес на сметка на еден колектив, прашањето што треба да се запрашате (вие што немате бугарски пасоши) дали ова треба да се оправда или не? А тие што имаат бугарски пасоши, нека се запрашаат каква штета направиле на еден колектив на сметка на личен интерес, и дали вредело да се направи истото.
Ќе кажев дека најверојатно тие со бугарски пасоши направиле анализа пред да се пишат како Бугари, но од тоа што читам од тие што зеле, не сум баш сигурен.
Ако одиме со попластичен пример ако единствениот избор во животот е членска од ДПСДСМ или бугарски пасош, кое е помалото зло?