Колку и да сакам да се убедувам себе си дека живеам токму онака како што јас сакам, и по соспствени правила, факт е дека не е така. Таквото убедување е нереално, затоа што нема некој кој не е условен од мал милион правила и околности. Прво како човек сум социјално суштество, и мојот живот(а, и на другите помалку или повеќе) е одреден од семејството, блиското опкружување, глобалното уредување, природните услови, бла, бла,...и уште од многу други фактори. Мојата интеракција со околината прави да морам(сакала или не) да се прилагодувам на одредени правила и норми. Секој од нас е дел од системот. И кога сериозно оди против истиот, системот, без исклучок, "го меле". Историјата покажала дека сите големи револуционери кои се држеле цврсто до својата сопствена цел, со тек на време или прифаќале некој компромис, или биле отстранети, на овој или оној начин.
Така да мојот живот( а и на најголемиот дел од луѓето) е нешто како мешавина од моите лични желби и она што морам да го направам. Имам некои свои принципи и желби за кои сум спремна да одам прилично "далеку" и да се жртвувам, но свесна сум дека, порано или подоцна, ми останува или да прифатам некое "средно" решение, или да се сносам со тотална изолација, а богами и нешто пострашно. Затоа пак,ги имам моите мисли и фантазии(и моите цртежи, слики, текстови), кои се еден вид на прибежиште, во кое јас, и единствено јас, сум онаа којашто одлучува.
Не, не сметам дека медиокритетноста е најдобриот начин но, и залажувањето со некоја "апсолутна" слобода го сметам за, во најмала рака, детинеста илузија.