Садењето марихуана полека станува земјоделска гранка
Искуството на албанските одгледувачи на марихуана, увозот на семиња од Холандија и финансиската добивка се главните причини поради кои државава е засеана со канабис
Неколку стотини килограми запленети во Тетовско
Одгледувањето марихуана полека но сигурно станува нова земјоделска гранка во државава, а за тоа
сведочат честите акции на МВР, во кои се откриваат насади со по неколку десетици до илјади стебла од ова растение. Вакви акции имаше во дворови од семејни куќи, ниви, викендички и на места скриени од очите на случајните минувачи. Марихуаната е плански садена и одгледувана за продажба, а многу ретко се случуваше да бидат откриени стебла од т.н. „дива марихуана“, која самата никнала без помош од човечка рака.
Садењето марихуана не е новина во Македонија, но пред неколку години тоа беа изолирани случаи и дрогата беше наменета за лична употреба, многу ретко за продажба. Ако тогаш важеше правилото дека марихуана се сади најмногу во источниот дел од земјата, сега тој примат го зедоа скопскиот, кумановскиот, тетовскиот и гостиварскиот крај, каде што во минатите неколку години беа откриени десетици плантажи наменети за задоволување на потребите на домашниот наркопазар.
Зголемената побарувачка на домашниот пазар, отворањето на европските пазари за дилерите од Албанија што со години ја снабдуваа државава со марихуана и зголемената цена, а со тоа и профит, отворија терен за производство на дрога.
Албанскиот бум!
Според МВР, ДЕА, Интерпол во последните десетина години одгледувањето марихуана доживеа експанзија во Албанија, каде што цели региони беа со насади, а оваа земја стана главен произведувач на оваа дрога во Европа. Плантажи со по неколку десетици илјади стебла марихуана имаше и на северот и на југот од земјава, чувани од приватни мини-армии. Како класичен пример може да се посочи селото Лазарат, во близината на градот Ѓирокастро, од каде што албанската полиција пресретнува пратки од по неколку стотини килограми исклучително квалитетен канабис. Официјалните процени на албанското МВР се дека годишните реколти на наркобосовите се по неколку десетици тони марихуана. Албанските наркобосови први се досетија да набават семки од квалитетна марихуана од Холандија.
Одгледувањето марихуана се пренесе и во Македонија. Криминалците што беа поврзани со албанските наркодилери што ја носеа дрогата во земјава и потоа преку својата дилерска мрежа ја растураа низ градовите одлучија сами да ја одгледуваат поради намалениот профит, кој се должеше на зголемената набавна, а истата продажна цена.
Ако во 2000 година еден килограм чинеше 200 тогашни германски марки, во 2005 година чинеше 200 евра, а наредната година двојно. Од минатата година килограм марихуана чини и по 1.000 евра во зависност од квалитетот.
Охриѓанец, чиј идентитет од разбирливи причини нема да биде објавен, вели дека килограм марихуана купувал во Албанија и за 80 тогашни германски марки.
- Во 1998 година го купив првиот килограм марихуана од Албанија и го платив 80 марки. Го препродадов за 200. Ризикот беше минимален, бидејќи тогаш марихуаната беше табу и допрва ја откриваа. Со текот на времето цената растеше, но и побарувачката. Тогаш во игра се вмешаа луѓе со дебело криминално досие и ја презедоа набавката на дрога од Албанија, а потоа и целиот бизнис - раскажува Горан Н.
Домашен „сканк“
Системот на работа е ист како на нивните „колеги“ од Албанија. Тие исто така од Холандија набавуваат семиња со висок квалитет. Од нив се добива марихуана со извонредна јачина, позната како „сканк“.
- Семките ги купив од мојот контакт од Албанија. Половина евро за семка, што и не беше евтино. Расадот е во близината на Скопје, каде што секоја година садам околу илјада стебла марихуана. Тешко е да се забележи од воздух и речиси невозможно е да се открие освен ако не „падне“ некој од мојата екипа и ме каже - вели кондовецот Исен Б..
Тој вели дека знае барем уште десетина лица во тетовскиот и во кумановскиот крај што исто така имаат свои насади со марихуана од кои добро заработуваат.
- Полицијата ги открива оние насади што нам ни пречат во бизнисот, се надевам дека ме разбирате што сакам да ви објаснам - додава тој.
Според овој човек, марихуаната што тој ја одгледува не заостанува со ништо зад оние што може да се набават во кој било кофи-шоп во Холандија.
Петровец рекордер
Според информациите до кои дојде „Нова Македонија“, западниот дел од Македонија и скопскиот и кумановскиот крај се буквално преплавени со мали насади на кои има по стотина стебла марихуана. Овие насади се со квалитетни стебла и им припаѓаат на помали дилери, кои се обидуваат да заработат нешто од страна. Меѓутоа во последните две години МВР откри ниви на кои имаше насадено и по неколку илјади стебла. Во атарот на тетовското село Стримница беше откриена нива со 1.800 стебла марихуана, а беше откриен насад во близината на Арачиново со неколку стотини стебла високи и до два метра. Во атарот на гостиварското село Неготино полицијата откри нива со 4.000 стебла марихуана само десетина метри од автопатот Тетово - Гостивар. Кај Демир Капија, во клисурата на Вардар, велешката полиција откри нива со околу 300 стебла марихуана високи и по три метри. Во два-три наврати марихуана беше откриена и во пластеници затскриени од очите на случајните минувачи.
Најголемиот насад со марихуана беше откриен пред повеќе од десетина години во атарот на скопското село Петровец, каде што во близината на автопатот на нива полициските вештаци уништија над 100.000 стебла канабис. Сопственикот на нивата никогаш не беше пронајден. Покрај насадите, полицајците-оперативци пресретнаа неколку пратки од по десетици килограми марихуана од домашно потекло и со висок квалитет.
Одгледувањето и продажбата на марихуаната се вносен бизнис, а за тоа сведочи фактот што уличната цена на еден „кибрит“, во кој има меѓу 2 и 3 грама дрога, чини 500 денари, а малопродажните цени се движат меѓу 8 и 10 илјади денари за стотина грама до 1.000 евра за еден килограм.
Според официјалните податоци на МВР, во последните четири години било запленето тон и пол марихуана што требало да заврши на улиците. Најголем успех имаше во 2009 година, кога во рацете на полицијата завршија 702 килограми марихуана, од кои повеќе од 500 килограми беа запленети во една акција во тетовскиот крај.
Малку зависници
Ретки се случаите кога во Центарот за зависности во Кисела Вода или во психијатриската установа „Бардовци“ се пријавиле луѓе што побарале лекарска помош поради зависност од марихуана.
- Во последните неколку години имаме регистрирано неколку лица што дошле за да се лекуваат од зависноста од марихуана. Сепак станува збор за многу мал број - вели проф. д-р Лиле Китева.
Сепак марихуаната е далеку од безопасна дрога и често може да предизвика поголеми проблеми и зависности доколку се злоупотребува.
- Зависи од случај до случај. Битен фактор е возрасната граница. Доколку станува збор за малолетник или, пак, за младо лице, ризикот е многу поголем. Марихуаната може да предизвика психички или душевни растројства или, пак, лице да помине на друг вид дрога, но морам да напоменам дека тоа зависи од случај до случај - објаснува Китева.
Уличната цена на марихуаната во Македонија
2006 година 350 евра
2007 година 400 евра
2008 година 550 евра
2009 година 700 евра
2010 година 750 евра
ТУКА