Дневна доза
http://sportmax.mk/transfer-shpekulatsii-v-sreda-3-avgust/
Арсенал, според информацијата на Tuttosport, има намера да се засили со играчот од средниот ред на Торино Бруно Перес. Реализацијата на овој трансфер во моментот е спречена само поради несогласувањата меѓу оној што продава и оној што купува. Торино бара 19, а Арсенал дава 16 милиони евра. А да се најдат некаде на 17,5?
Арсенал се соочи со негативен одговор на Валенсија за трансферот на Шкодран Мустафи. Сега Арсен Венгер ја брка работата со Вермален, кој исто така може да го замени повредениот Мертезакер.
За разлика од Арсенал, Челси, кои е исто така заинтересиран за Шкодран Мустафи, веднаш понуди 30 милиони евра и велат дека е многу блиску до согласноста на Валенсија. Венгер може уште еднаш да остане со прстот во уста и се поради својата легендарна скржавост.
Челси ја испрати својата најнова понуда за фудбалерот на Евертон Ромелу Лукаку. Понудата е тешка 79 милиони евра, но тоа што е поважно е пораката за раководството на Евертон дека ова е конечна понуда на Челси, кој, во случај на отказ, повеќе нема да се интересира за Лукаку.
Eте ти работа, испаѓа дека во меѓувреме од Челси дојде и алтернативна понуда за Евертон и за Ромелу Лукаку. Челси како алтернатива нуди 72 милиони евра на рака и Лоик Реми за рака. Така тврди Daily Mail.
Тотенхем се интересира за голманот на Еспањол Пау Лопес (оној несреќник што згазна на ногата на Меси, па го колнеше пола планета) и веќе испрати барање за овој 21-годишен фудбалер, пишува AS. Самиот Лопес нема ништо против да замине во Премиер-лигата, иако знае дека го планираат како резервен голман, а тоа секогаш е најнеблагодарната улога во фудбалот, бидејќи ветува минутажа “со лажица“.
Вест Хем изгледа има за частење. Напаѓачот на Депортиво Малдонадо Хонатан Каљери во интервјуто за ESPN се пофали дека неговиот трансфер е завршен и дека е тој најновата алка во тимот на Славен Билиќ.
Чудна ситуација. Вест Хем го бара на позајмица дефанзивецот на Интер Давиде Сантона и е подготвен да плати 0,5 милиони евра, со право на откуп на договорот за 5,9 милиони евра. Чудна е затоа што истиот тој Сантона требаше да оди во Наполи, ама не ги мина медицинските тестови. Или здравјето нагло му се поправи, или Вест Хем е сега толку очаен што прибира се што оди на две нозе.
Ах Евертон, Евертон. Веќе го замислија дефанзивецот Ешли Вилијамс во својот дрес, кога ете стигна негативниот одговор на Свонси. Луѓето не го продаваат Вилијамс, особено не за 10 милиони фунти, колку што понуди Евертон.
Евертон конечно го заврши трансферот на Идрис Гује од Астон Вила, со кого потпиша четиригодишен договор.
Уште не се исуши мастилото од потписот на Идриз Гује, а неговиот сега веќе поранешен клуб Астон Вила го капариса напаѓачот на Фулам Рос Маккормик и тоа за 12 милиони фунти.
Не е грев да си ја пробаш среќата, па тоа го направи и Интер, кој веќе се подготвува за животот без Мауро Икарди. Интер се јави во Борусија Дортмунд и праша за здравјето на Пјер Емерик Обамејанг. Германците одговорија дека човекот е добро и ја лупнаа слушалката. Можеби и не беше се баш така, ама суштината е таа – читајте во La Gazzetta dello Sport.
Рома успешно го реши проблемот со голманот на Арсенал Војцех Шенсни, кој минатата сезона ја мина во Рома како позајмен фудбалер. Тој ќе остане и оваа сезона, повторно на позајмица, а Рома ќе има обврска да го откупи за 16 милиони евра. Во наредните денови Шенсни ќе ги мине медицинските тестови и ќе го потпише договорот.
Лацио го сака Флоријан Товен, но е подготвен и ако овој трансфер не се реализира. Во тој случај од ракав се вади џокерот, кој се вика Риад Будебуз (26) и кој моментално игра во Монпелје, пишува L’Equip.
Во Барселона се случува побуна на голманите. Марк Андре тер Штеген веќе не сака да брани само во Лигата на шампионите и во шпанскиот Куп, туку бара да биде прв голман во екипата, или да биде ставен на трансфер листата, а заинтересиран за овој голман од поодамна е Манчестер Сити. Случајно или не, ама истото го бара и Клаудио Браво, кој не сака да биде втор голман и кој исто така се заканува со заминување.
Веќе денеска Вилјареал може да го извести светот дека го потпиша Роберто Сориано од Сампдорија, кој вчера ги мина медицинските тестови. Ова задоволство Вилјареал ќе го чини само 13,5 милиони евра.