Enter the Void (2009)
За атер на клубов го прекршив заветот дека нема веќе да губам време на делата на Гаспар Ное. Иако морам да признаам дека насловов со кратките описи и жанровската определеност одамна ме привлекуваше, но не се одлучив да го гледам. Се досега.
Уште самата почетна шпица го најавува она што ќе ни го оптеретува сетилото за вид следните скоро три часа. Заради брзата промена на форми и бои, не може да се прочита речиси ниедно име, освен она на режисерот кое се појавува повеќе пати. Можеби е случајно, но тоа мене многу ми кажува за режисерот и неговата почит кон екипата.
Разнобојните светла за Ное се она што е ленс флерот за Џеј Џеј Абрамс. Абрамс сфати дека претерал со нивно користење, за првиов не сум сигурен. Премногу нагли и чести промени на боја, од светла што не се диегетички. Па уште и бланкови што симулираат трепкање. Среќа во вториот акт малку се смири, ама затоа му го изнагледавме тилот на главниот актер. Сево ова ме потсеќа на некоја естетика од видео игри, прво лице, трето лице, летачка камера. Да, движењето на камерата фантастично иако квалитетно потпомогнато во постпродукција. Тука мислам на оние широкоаголни кадри каде камерата кружно се движи, за тоа добива оценка плус. На на оние прелети, каде се изнагледавме кровови со кабли, чилери и останата опрема за климатизација.
Дијалогот ништо битно, освен она „телефонирањето“ на Алекс додека одеа кон клубот, што всушност го раскажа филмот, или барем едно можно гледиште. Музика речиси и да не чув, звучен дизајн исто, иако имаше можност многу квалитеттно да се изведат двете работи.
Ми пречеа и оние повторувања, како во евтина шпанско-турско-индиска серија. Ќе го спомнат Марио, оп кадар од Марио во клубот. Ќе го спомнат Алекс, оп кадар од Алекс како шета по улици. Ќе се спомне несреќата, ајде пак ќе го гледаме сударот.
Разбирам поттекст, метафори и такви работи, ама тоа треба да е на второ, трето ниво, не на прво. Овде има само форма, содржина фали.
Да беше филмов едно саат-саат ипол пократок, и да намалеше на треперење, ќе беше многу подобар, со шанси да биде ремек дело.
Но, сѐ дур некои режисерти не се осмелат да снимат порно филм, ќе прават вакви дела и ќе се кријат зад уметноста.
5/10