Дербито во Автокоманда без победник
ЖРК Вардар СЦБТ не ја оправда фаворитската улога во првиот натпревар од новата сезона во Скопско Супер лигата. Дербито со Металург во Автокоманда заврши без победник – 23:23 (11:10). Невниманието на вардарки во финишот го казни Робертина Мечевска со погодок од контра во истекот на последните секунди што му донесе бод на ЖРК Металург.
За актуелните шампиони ова беше можеби и најслаб натпревар одигран сезонава. Во составот на ЖРК Вардар СЦБТ ја немаше Ана Ѓокиќ, а од клупата во игра не влегоа Андреа Лекиќ и Марина Дмитровиќ. На спротивната страна, ЖРК Металург играше без својот прв стрелец, Мирјета Барјамовска.
Втората меѓусебна пресметка на новиот и стариот шампион, прва во домашното првенство сезонава, донесе резултатски неизвесен натпревар со многу грешки на двете страни. Вардарки уморни по настапот на турнирот во Љубљана одиграа без својата препознатлива сигурност во одбраната и со многу непрецизни удари во нападот. Во првиот дел не успеаја да ја сопрат Симона Гроздановска која постигна седум од вкупните 11 гола на домашниот тим, а во вториот дел не успеаја да се справат со Робертина Мечевска која погодуваше од тешка позиција и исто така успеа да реализира седум гола сите во вториот дел.
Вардарки имаа резултатската предност во првата и во третата четвртина од мечот но лоша завршница што ги чишеше загубен бод. По првите пет минути игра ЖРК Вардар СЦБТ беше во водство со 1:3. Агресивната игра во одбраната и сигурната Михаела Иаломитеану на голот му донесоа пресврт на Металург кој со погодокот на Зорица Деспотовска во 16.минута изедначи на 6:6. Вардарки грешеа и во нападот и во одбраната, а тоа најдобро знаеше да го казни Симона Гроздановска која постигна седум од вкупните 11 гола на Металург во првото полувреме и беше најзаслужна за позитивниот скор со кој домашниот тим замина на одмор – 11:10.
На стартот од второто полувреме вардарки успеаја да се вратат во игра и да воспостават контрола на резултатот. Марија Лојпур погоди за изедначување, а Алисон Пино за водство на ЖРК Вардар СЦБТ од 11:12. Највисоката предност од четири гола избраничките на Индира Кастартовиќ ја постигнаа во 45.минута кога Хмирова зголеми на 15:19. Но потоа следуваше серија грешки и казна од противникот. На една минута пред крај Гроздановска со својот осми гол намали на 21:22 за неизвесен финиш. Јулија Николиќ беше прецизна од седум метри, но на спротивната страна со гол возврати Зорица Деспотовска. Вардарки имаа гол предност и последен напад, но уште еднаш одиграа невнимателно и Мечевска казни со гол за реми -23:23.
Во состовато на ЖРК Вардар СЦБТ најефикасни беа Јованка Радичевиќ и Марија Лојпур со по пет гола, а четири реализира Татјана Хмирова. Кај Металург само четири ракометарки се запишаа во листата на стрелците. Најефикасни беа Гроздановска со осум и Мечевска со седум погодоци, Деспотовска постигна пет, а Ѓорѓиевска додаде три.
Во натпреварот со многу и играчки и судиски грешки, беа досудени дури 12 семдерци по шест на двете страни, Металург имаше 14 , а ЖРК Вардар СЦБТ 12 загубени топки.
ЖРК МЕТАЛУРГ –ЖРК ВАРДАР СЦБТ 23:23 (11:10)
Сала Автокоманда. Судии: Глигор Ќаев и Спаско Ќаев. Делегат: Драган Начевски.
ЖРК Металург: Антиќ, Андрејева, Иоломитеану 10 одб., Мечевска 7, Гроздановска 8(2), Ѓорѓиевска 3, Белеска, Деспотовска 5 (3), Јовановска, Младеновска, Стојковска, Николовскја, Ливриниќ, Саздовска, Величковска, Митрова.
Тренер: Крсто Петрушевски.
ЖРК Вардар СЦБТ: Суслина 5 одб., Лејно 5 одб, 1 сед., Костјукова, Радичевиќ 5, Пино 2, Штериова, Николиќ 3 (2), Дембеле, Фернандез, Зебиќ, Кликовац 1, Црвенкоска 3(3), Хмирова 4, Лекиќ, Лојпур 5, Дмитровиќ.
Тренер: Индира Кастратовиќ.
Седмерци: ЖРК Металург 5/6 , ЖРК Вардар СЦБТ 5/6.
Исклучувања: ЖРК Металург 4 мин., ЖРК Вардар СЦБТ 6 мин.