Прв натпревар-прва победа за ЖРК Вардар СЦБТ
Ракометарките на ЖРК Вардар СЦБТ го победија Крим со 29:22 (15:10) во првиот настап на турнирот “PwC Handball Fiesta 2013” во Ѓер. Ова беше прв контролен натпревар за вардарки во подготовките пред новата сезона и прв настап на македонскиот шампион во новиот засилен состав.
Јованка Радичевиќ и Маја Зебиќ постигнаа по шест гола за ЖРК Вардар СЦБТ, а по пет гола релизираа Андреа Лекиќ и Алисон Пино. Одлични на голот беа Ина Суслина со 11 одбрани во првиот дел и Амандин Лејно која запиша шест одбрани во второто полувреме. Во составот на Крим најефикасна беше Катарина Крпеж со шест гола. За најдобри ракометарки на мечот беа прогласени Андреа Лекиќ во составот на ЖРК Вардар СЦБТ и Барбара Лазовиќ кај Крим.
Вардарки делуваа моќно и сигурно од првата до последната минута. Првиот гол за македонскиот шампион го постигна француската репрезентативка Алисон Пино, а по првите три минути ЖРК Вардар СЦБТ имаше водство од 3:1. По почетната офанзива на нашите девојки, следуваше серија на ракометарките на Крим. Словенките успеаја да изедначат на 3:3, а потоа ја искористија грешката на Пино за првото и единствено водство од 4:3. Но, цврстата игра во одбраната и фантастичното издание на Ина Суслина на голот ја врати сигурноста во играта на ЖРК Вардар СЦБТ. Маја Зебиќ погоди прво од седмерец, а потоа и од игра. Серијата на македонскиот тим ја продолжија поранешните ракометарки на Ѓер, Јованка Радичевиќ и Андреа Лекиќ на кои ова им беше прв настап на теренот на кој лани ја освоија титулата во Лигата на шампионите. Тоа му донесе водство на ЖРК Вардар СЦБТ од 7:5 на средината од првиот дел. До крајот на полувремето избраничките на Индира Кастратовиќ беа супериорни на теренот и на одмор заминаа со пет гола позитива (15:10).
Моќната игра на вардарки продолжи и во вториот дел. На местото на Суслина на голот на ЖРК Вардар СЦБТ во вториот дел застана Амандин Лејно. Во првите десетина минути од вториот дел Марија Штериова ја замени Алисон Пино на левата бековска позиција, а свои минути како организатор на играта на местото на Андреа Лекиќ во вториот дел доби Билјана Црвенкоска.
Крим се обиде да одговори на офанзивната игра на вардарки и со три гола во серија во 38.минута се приближи на два гола негатива (17:15). Но тогаш проработе “француската врска“ во ЖРК Вардар СЦБТ. Лејно одбрани и упати прецизна контра до Сираба Дембеле, а таа погоди за водство од 18:15. Во финишот на мечот, на теренот во Ѓер повторно доминираа миленичките на публиката, Радичевиќ и Лекиќ и заедно постигнаа шест гола во овој дел. За доминацијата на вардарки да биде комплетна, а победата убедлива, се погрижија пикерот Бегоња Фернандез и Маја Зебиќ која беше меѓу најконстантните играчи на денешниот меч.
Утре, во вториот натпревар на турнирот, ЖРК Вардар СЦБТ ќе игра против екипата на Мец.
Резултати прв ден: Лајпциг – Ростов Дон 28:29, Крим – ЖРК Вардар СЦБТ 22:29, Ѓер – Мец (во тек)
КРИМ – ЖРК ВАРДАР СЦБТ 22:29 (10:15)
КРИМ: Стефанишин 8 одб, Толнаи 4 одб, Маринчек, Пиедаде 1, Вурц 3, Мавшар 2(2), Булатовиќ 1, Лазовиќ 4, Торстенсон, Ирман 1, Пенезиќ, Крпеж 6, Зрнец 1, Манеа 2, Потишек, Визитиу 1. Тренер: Тоне Тисељ.
ЖРК ВАРДАР СЦБТ: Суслина (10 одб. 1 сед.), Лејно (5 одб. 1 сед.), Костјукова 1, Радичевиќ 6, Ѓокиќ 1, Пино 5, Штериова, Зебиќ 6 (3), Дембеле 1, Фернандез 2, Кликовац, Црвенкоска, Хмирова 2, Лекиќ 5, Лојпур, Дмитровиќ. Тренер: Индира Кастратовиќ.
Седмерци: Крим 2/4 , ЖРК Вардар СЦБТ 3/3
Исклучувања: Крим 4 мин, ЖРК Вардар СЦБТ 2 мин.