Сега веќе поранешниот тренер на Вардар, Боби Милевски кој само пет месеци беше на клупата на „црвено-црните“ притоа доведувајќи го тимот до есенската шампионска круна, вели дека во секој случај задоволен од постигнатите резултати заминува од најтрофејниот наш клуб почитувајќи ја одлуката на раководството на кое му се заблагодари за укажаната досегашна доверба.
„Сакам да искажам благодарност до фудбалерите за досегашната соработка, до раководството за укажаната шанса да бидам на клупата на Вардар. Мислам дека ја оправдав довербата откако го презедов кормилото од Илчо Ѓорѓиоски успевајќи да ги реализираме амбициите за освојување на есенската титула и пласман во полуфиналето на Купот“ – вели за ЕКИПА, Боби Милевски дополнувајќи дека е горд на постигнатите резултати.
„Горд сум што имавме најдобар напад и најдобра одбрана во лигата, а како педагог и што според показателите имавме најкоректна екипа во првенството. Навистина ми беше мило што изминатава година и пол бев дел од Вардар, а сакам да искажам и благодарност до ’Комитите’ кои постојано беа со нас носејќи голем удел во успесите“.
Боби Милевски, притоа, не крие дека и самиот вчера бил изненаден од одлуката на раководството.
„Да, изненаден сум и јас, како и поголемиот дел од фудбалската јавност. Ми беше вчера по малку неочекувано соопштено, се случи за само еден ден, но таков е фудбалот. Може само да му посакам успеси на Вардар во иднина и секако да ја одбрани титулата“ – вели Милевски кој денеска од 12 часот, сепак, како што нагласува ќе биде присутен во клубот како би им се заблагодарил на фудбалерите за досегашната заедничка работа.
Досега без понуда за останување во клубот
И покрај одредени најави од ФК Вардар дека Милевски и натаму ќе остане во клубот, тој истакнува дека досега немал такви разговори.
„Официјална понуда од клубот за останување немам па затоа не можам да кажам ништо во овој момент. Откако би добил таква понуда, тогаш би ја разгледал во зависност и од тоа што се нуди, па ќе може да одлучам дали би продолжил со работата во Вардар“ – вели Милевски.