„Маршалот“ не се врати во Вардар (извадок од денешниот број на Дневник)
Вредниот трофеј на Маршал Тито, првенец на фудбалскиот клуб Вардар од 1961 година по триумфот во финалето на купот над Вартекс, недостига кај старо-новиот спонзор на Вардар, Слободан Вујчиќ. Од просториите на поранешниот спонзор Трифун Костовски пристигнаа 250 титули и плакети, но никој не знае каде е „Маршалот“. Колекцијата од 252 титули и плакети е вратена во канцелариите на „црвено-црните“.
- Ние го чувавме богатството на Вардар и на најчесен начин ги вративме трофеите. Можно е во целиот метеж еден од нив да недостига, но навистина не знам каде е. Апелирам да се врати, бидејќи без разлика кој го води клубот, титулите и признанијата мора се сочуваат - ни изјави Коста Костовски, синот на Трифун Костовски.
Генерацијата на Петар Шулинчевски, Андон Дончевски, Тоде Георгиевски, Часлав Божиновски, Благоја Вучидолов, Петар Ангушев, Славко Дацевски, Драган Трајчевски, Мирко Илиевски, Стојан Велковски, Владо Николовски предводена од тренерот Антон Лика на 28 мај 1961 година пред 15 илјади гледачи на стадионот на ЈНА во Белград го победи Вартекс во финалето со 2-1. Со блиц-кригот на Николовски и Илиевски за 3 минути од 50. до 53. минута во вториот дел Вардар стаса до недостижна предност од 2-0. Пикл во 59. минута само намали на 1-2, недоволно да се спречи македонскиот клуб да го освои првиот трофеј во историјата. Таа сезона најтрофејниот македонски колектив беше најуспешен во конкуренција на неверојатни 2.325 клуба што играа во купот.
Вредноста на трофејот е непроценлива и од него не може да се направи реплика, а апел за враќање упатија и претставници на старо-новата Управа.
- Секоја чест за потегот на Костовски што ги вратија трофеите и признанијата. Од толкав број недостасуваат само два примероци, едниот од нив трофејот од купот во 1961 година. Веруваме дека нема намера и упатуваме молба тие што го имаат вредниот примерок да го вратат таму каде што припаѓа во богатата колекција на Вардар - ни рече Атанас Костовски.
По пауза од 2,5 години Атанас Костовски треба да се врати на функцијата претседател, со одлука на Управниот суд од 8. октомври годинава. За идната недела е најавена и писмена потврда на таа одлука со што ќе биде официјализирано враќањето на спонзорот Слободан Вујчиќ во Вардар. „Црвено-црните“ имаат вкупно 12 титули најмногу од сите македонски фудбалски клубови. По 6 се од купот и од првенството, а по една од нив се освоени во бивша Југославија. (З.П.)
Хајдук го најде трофејот по 17 години
Во слична ситуација како и Вардар беше сплитски Хајдук, но таму по 17 години трофејот на Маршал Тито беше пронајден. Некогашниот економ на сплитските „били“, Јуко Стриниќ, го чувал пехарот од 1991 до 2008 година, кога го врати во витрините на Хајдук. Сплиќани ја победија Црвена звезда со 1-0 со голот на Бокшиќ во последниот куп. Економот Стриниќ во целиот метеж во предвоените денови во бивша Југославија го скрил трофејот со цел да го зачува. Кај нас допрва ќе се истражува кој го зел и дали ќе се јави некој јунак како Стриниќ да го врати таму каде што припаѓа, во вредната и богата колекција на Вардар. Трофејот тежи 17 килограми и е изработен од сребро.
Оффтопик: Само не ми е јасно каде ќе го стават и во кои простории
