ДЕНЕСКА КРАЈ НА РАЗГОВОРИТЕ СО КОЛЕКТИВНИТЕ ЧЛЕНОВИ ОКОЛУ НОВИОТ СПОНЗОР НА НАЈТРОФЕЈНИОТ МАКЕДОНСКИ КЛУБ
Вардар добива нов финансиер
* "Имавме неколкукратни разговори со членовите на Собранието, при што јасно и конкретно ги изложивме нашите планови и визии за Вардар", вели претставникот на новонајавениот финансиер, Драги Сетинов
Колективните членови од Собранието на ФК Вардар, "Мода&Спорт" и Иницијативниот одбор за спас на клубот, денеска треба да го дадат одговорот околу влезот на новонајавениот финансиер на најтрофејниот македонски клуб по заминувањето на досегашниот, Трифун Костовски.
Домашна компанија чиј ударен преговарач за влез меѓу "црвено-црните" е поранешниот вардаров ас, Драги Сетинов треба да го преземе финансирањето на клубот доколку денеска успешно се финишира со преговорите. Веќе неколку денови во тек се интензивните разговори меѓу претставниците на финансиерот во најава со претставниците на собраниските колективни членови.
"Се работи за компанија од Скопје, чија желба е да го преземе носечкиот финансиски збор според досегашниот принцип на функционирање и на претходниот спонзор. Имавме неколкукратни разговори со членовите на Собранието, при што јасно и конкретно ги изложивме нашите планови и визии за Вардар. Останува уште еден состанок по што го очекуваме одговорот околу влезот во ФК Вардар", вели Сетинов кој со новиот финансиер би бил на една од раководните функции во клубот задолжен за спортскиот дел.
"Сметам дека доста веќе многуминаа добиваа, земаа од Вардар. Време е да видиме сите ние што можеме да му дадеме на Вардар. Во таа насока е намерата конечно клубот да застане на здрави нозе", дополнува Сетинов.
Претседателот на "вардарци", Бојан Захариев потврдува дека засега домашниот инвеститор со кој се водат преговорите во моментов е единствениот конкретен со желба за реално здраво преземање на клубот.
"Значајно е најпрво утре успешно да се заокружат преговорите со новиот финансиер. Важно е да се затвори основната финансиска конструкција па веднаш потоа ќе продолжиме со докомплетирање на маркетинг тимот и кроење на буџетот и тимот за престојната сезона", ни изјави вчера Захариев.
Претходниот финансиер на "црвено-црните" Трифун Костовски изминатата недела и официјално по само една година на "Градски" поради финансиски причини замина од Вардар. Стартот на подготовките на тимот е закажан за 22 јуни, меѓутоа до тогаш треба да биде конструиран новиот финансиски и организациски изглед како би се стартувало со 'акцијата' за задржување и дополнување на постоечкиот играчки кадар.
Преговори околу распределбата на делегатските места
И изминатиов викенд беа реализирани преговори со колективните членови на Собранието на Клубот. Последните разговори со претставниците на Иницијативниот одбор за спас на Вардар и со навивачите, по кој треба да следи дефинитивниот одговор, се околу распределбата на делегатските места во Собранието.
Новиот финансиер како и претходниот спонзор сосема очекувано бара 15 делегатски места од вкупно 29-те во Собранието, додека и натаму во Вардар како колективни членови би останале "Мода&Спорт" на Орце Камчев и Иницијативниот одбор за спас со по седум делегати.
Не смее веќе да се одолговлекува
Судбината на "вардарци" за сезоната 2009/2010 неизбежно мора што поитно да биде решена. Не смее да се дозволи повторување на случувањата во јануари и февруари оваа година, што е потенцирано и од страна на претставниците на евентуалните нови финансиери.
"Токму во таа насока се и нашите интенции. Затоа инсистиравме на договор или одговор во текот на денешниот ден како клубот подготвен би ги стартувал активностите во спортскиот дел пред престојната сезона", вели Сетинов.
СЕЌАВАЊЕ НА ШАМПИОНСКИОТ ПЕХАР ОД 1987 ГОДИНА
Далечни се титулите...
На 14 јуни 1987 година Вардар по натпреварот со Динамо Загреб во Загреб се закити со единствената своја шампионска титула во рамките на натпреварувањето во поранешна СФРЈ.
По 22 години, пратејќи ги ситуациите во кои е западнат најтрофејниот македонски клуб последниве години, а ако се знае дека и последната од петте титули во независна Македонија е освоена во 2003 година, останува само сеќавањето на пехарите во "црвено-црните" витрини.
Единствениот ех-ју трофеј генерацијата на Панчев, Савевски, Канатларовски, Јаневски, Најдоски, Станојковиќ, Петров, Џипунов, Рингов, Бабунски, Грошев, Симоновски, Лазаров, Аврамовски, го освои во сезоната 1986/87 по административен пат откако поради нерегуларно местење на натпревари им беа одземени бодови на Партизан, Црвена Звезда, Вележ, Риека и на уште пет клуба од Првата лига. Па, на 15 јуни 1987 година ФК Вардар официјално ја прослави шампионската титула.