Вие сакавте да го избркате од клубот, а тој...
"Трифун жртвува пари за Вардар да стане АД"
Спонзорот на Вардар ќе се откаже од 400 илјади евра за конечно да тргне процесот на трансформација на најтрофејниот клуб
Трифун Костовски е подготвен да се откаже од парите што Вардар му ги должи уште од минатиот век, со цел да ги охрабри евентуалниот идни акционери што би вложиле во клубот. Долгот е на име на кредит од 1996 година и тежи околу 400 илјади евра или тогашни 680 илјади германски марки.
- Јас ќе се откажам од побарувањата, бидејќи сакам Вардар во евентуалната трансформација од Здружение на граѓани во Акционерско друштво да влезе со чисти сметки и без обврски да враќа долгови. Само така ќе се охрабрат луѓето да вложат во клубот со купување акции. Очекувам и останатите субјекти што побаруваат од Вардар да го сторат истото. Само така ќе му помогнеме на најголемиот спортски бренд да го избегне најлошото - ни изјави Костовски. Сегашниот спонзор на Вардар е воздржан оптимист дека клубот ќе успее да го мине трнливиот пат од социјалистичкиот тип на организација како Здружение на Граѓани во модерна форма на А.Д. со емисија на акции.
- Ние имаме тимови што работат на проект за трансформација на клубот, а најблиску ни е моделот на Хајдук. Ако сакаме да успееме според моја процена Вардар треба да добие од 2 до 2,5 милиони евра од продажбата на акции. Искрено скептик сум дека ќе собереме толку пари, бидејќи засега нема сериозно заинтересирани фирми за инвестирање во Вардар. Ако се создаде поволна ситуација, со појдовна позиција без долгови, трансформацијата може да успее - вели Костовски. Тој за најмногу една седмица вети дека ќе објави дали ќе остане да го спонзорира Вардар или ќе си замине. Покрај долгот кон поранешниот скопски градоначалник кој има најмногу члена во Собранието на клубот (15) Вардар му борчи и на Јордан Камчев и на уште дузина субјекти, а точната сума ќе ја утврдува ревизорска куќа, ако тргне трансформацијата како што се најавува. Камчев на основа на спонзорство со опрема уште од пред десетина година побарува околу 300 илјади евра, проблем што доведе до блокирање на официјалната банкарска сметка на Вардар. Тој преку фирмата Мода М Спорт има влијание со 7 од вкупно 29 члена во Собранието.
ПОТРЕБНА Е ЧИСТА СИТУАЦИЈА
- Мора да имаме чиста ситуација. Сигурно никој нема да купува акции за да ги санира нашите побарувања - вели Костовски. Против желбата на Костовски и бројните вардарови симпатизери е актуелната економска ситуација во Македонија, глобалната финансиска криза и отсуството на желба кај најголемите фирми да вложуваат во домашниот спорт.
- Искрено ни недостасуваат финансии и неколку сериозни спонзори. Јас не останувам во Вардар, ако повторно треба да се бориме за опстанок. Ниту пак мислам дека сега имаме конкурентен тим за настап во Европа. Не ни треба лиценца по секоја цена, ако ние немаме сили да се спротивставиме на противниците во Европската лига. Јас не сакам да се брукам, ниту да настапувам формално колку да ни мине редот - вели Костовски, додавајќи дека неговото останување или заминување не зависи од одлуката на второстепената комисија во ФФМ, дали Вардар ќе добие лиценца за настап во Европа. Одлуката по жалбата на „црвено-црните“ треба да биде донесена на 25. мај. Во првиот обид Вардар не доби дозвола од Лиценцната администрација за настап во новоформираната Евролига на УЕФА.
МНОГУ ПРЕЧКИ
Спиралата што ќе ја кочи приватизацијата на Вардар ја дополнува и лошиот квалитет на домашното првенство, нерегулираните односи во елитната лига, аматерскиот статус на фудбалерите, навиките на клубовите, однесувањето на навивачите. Натпреварите ги следат малку гледачи, кои тешко се одлучуваат да платат билет, а честопати се главни виновници за инцидентните ситуации што се чест декор во нашето првенство.
Вардар во Собранието има 7 претставници од навивачката група „Комити“ организирани преку Иницијативниот одбор за спас на клубот. Тие се двигатели на иницијативата за приватизација на клубот. Според нивната замисла фирмите во Македонија ќе бидат категоризирани во неколку класи. Со претставниците на најпознатите 15-на фирми директно за соработка би разговарал Костовски како највлијателен член на Вардар, а пакетите за соработка на останатите субјекти би ги нуделе останатите претставници на клубот.
Ај да се надеваме дека ова че биди процес кој че ги зафати сите клубови во Македонија!!!