ИНТЕРВЈУ СО ИГОР КАРАЧИЌ: КОГА ИГРА "ВАРДАР", СЕ СЛАВИ И СЕ ТАГУВА И ВО БИХ И ВО ХРВАТСКА
- Во "Вардар" дојде пред три години, во периодот кога "Металург" доминираше во македонскиот ракомет. Тогаш слушнав еден коментар за тебе, дека си играч кој ќе го промени односот на силите.
Забрането користење на фотографијата без дозвола од Вест
- Па добро, луѓе сешто зборуваат. Секако дека таквите комплименти годат, не само на мене, туку на секој играч, особено кога нацијата, како македонската, го познава ракометот, спорт во кој се вложува и кој е многу важен за целата држава. Ова не е само обична публика, ова се луѓе кои навистина знаат што е спорт, што е ракомет и гледате дека секоја секунда од натпреварот се следи со големи емоции, со еуфорија. Кога дојдов во Скопје, има точно три години, прво бев повреден, го оперирав рамото, така што влегував на мала врата. И мило ми е поради тоа. Секогаш низ животот одев чекор по чекор, па така во Скопје денес направивме еден одличен, идеален тим и сигурно во иднина ќе бидеме уште посилни.
Како ти изгледа "Вардар" денес во споредба со оној тим кога дојде? Колку порасна клубот во меѓувреме?
- Морам да признаам дека кога дојдов во Скопје, не знаев многу за "Вардар". Го имав гледано еднаш во Лигата на шампионите и кога дојдов, сите веднаш ми предочија што е "Вардар". Уште на првиот натпревар со "Металург" увидов дека тоа не е обичен клуб, дека е навистина голем клуб со традиција и дека луѓето живеат за него. Сигурно е дека "Вардар" порасна откако за претседател дојде Сергеј Самсоненко. Тука се некои од најдобрите играчи на светот и сигурно уште добри играчи ќе дојдат. "Вардар" сигурно ќе го напаѓа Фајнл форот на Лигата на шампионите, а дали тоа ќе биде оваа или некоја следна година, ќе видиме. Во некои рамки, клубот дефинитивно порасна и среќен сум што сум дел од ова, но "Вардар" беше голем клуб и додека претседател беше Михајло Михајловски.
"Кил", "Барселона", "Веспрем", ПСЖ... конкуренцијата за Фајнл форот е премногу силна. Дали, можеби, сe уште му е рано на "Вардар" за влез во едно вакво друштво?
- Не е рано, го видовме тоа и лани. Кога никој не очекуваше, ние бевме на чекор до Фајнл форот. Тоа се само ситници, секунди, кои те делат дали си горе или долу, дали ќе успееш и дали нацијата ќе се весели. И сега ништо не е готово, има уште 60 минути од реваншот. И ние имаме одлични играчи и публика како "Висла" и можеме далеку да дотуркаме.
Благодарение на одличните игри за "Вардар", конечно, влезе во хрватската репрезентација. Дали тоа полесно ќе одеше доколку играше за "Загреб", на пример?
- Никогаш не сум трчал по тоа, без разлика колку се зборуваше за тоа дали требаше да бидам во репрезентацијата уште пред две-три години. Играв за клуб, давав сe од себе и дојде и тоа време да бидам во репрезентацијата. Клубот секогаш ми бил приоритет и сигурно дека "Вардар" многу придонесе за тоа. Секако дека преку "Загреб" полесно се влегува во репрезентацијата, но добрите игри се добри игри, без разлика каде играш. Треба само да се работи на себе и сe си доаѓа на свое место.
Сега играш на позицијата на која беше Ивано Балиќ, тука е и Дувњак, дали е тоа голема одговорност за тебе?
- Балиќ е еден од најдобрите играчи на сите времиња и мој идол. Потоа дојде Дувњак, играч од мојата генерација. Тоа се двајца врвни играчи и мило ми е што сега сум дел од тоа.
Имате интересна ситуација дома: ти ја избра Хрватска, а брат ти, Иван, е репрезентативец на БиХ. Дали тоа те прави подобриот ракометар во семејството?
Забрането користење на фотографијата без дозвола од Вест
- Се разбира дека не. Нам само патиштата ни се разделија многу одамна. Кога тој требаше да заигра за Хрватска уште како кадет, му се случија некои работи во клубот и, едноставно, не можеше. Јас со задоволство го примив тој повик и потоа го освоиме кадетското Светско првенство. Иван подоцна ја избра селекцијата на БиХ и ни се разделија патиштата, и во ракометот и во животот. Се радуваме на тие неколку дена во годината кога заедно ќе се најдеме на терен.
Дали имавте и жестоки дуели?
- Па, имавме. Можам да издвојам еден момент кога се решаваше за нашите глави. Јас со Босна, тој со "Борац", се боревме за титулата. Отидовме во Бања Лука, а таму пет-шест илјади емотивни навивачи, гореше во салата. Во последните секунди победивме со еден гол разлика, но претходно два-три пати дојдов во таков судир со Иван, што мајка ни излезе од салата, зашто не можеше веќе да го гледа тоа.
Потекнуваш од Мостар, кој, пред сe, е фудбалски град. Од каде тогаш во ракометот?
- Татко ми беше фудбалер своевремено. И јас бев талентиран за фудбал, дури и повеќе отколку за ракомет, но поради брат ми го сменив спортот. Тој ме тераше да играм и кога отидов со него на еден тренинг, останав тука.
Дали игрите на "Вардар" се следат во Мостар?
- Како не, и тоа не само во Мостар. Поради мене, "Вардар" се следи во цела Херцеговина и во Хрватска, каде што имам пријатели. Кога лани, во Македонија, беше ден на жалост по нашето испаѓање од "Флензбург", исто се чувствуваа и луѓето во мојот крај и во Хрватска. Едноставно, сите живееја тој ден со "Вардар". Сигурно е дека "Вардар" моментално е број еден на Балканот.
До кога ќе те гледаме во дресот на "Вардар"?
- Тоа прашање постојано ми го поставуваат. "Вардар" моментално е еден од најдобрите клубови во Европа и секоја година е сe подобар и подобар. Имам договор уште две години и за тоа време сигурно ќе бидам тука. Убаво ми е овдека и сакам да направам нешто големо со "Вардар".
Горан Конев
Фото: В. Тануровски
Еве им и извор, пошто забраниле користење на текстов и фотографии:
http://vest.mk/default.asp?ItemID=9053F94953B0004A91FAA74A83E70076