Кошаркарскиот прволигаш Карпош Соколи се очекува да биде еден од главните претенденти за пласман во финалните средби во првенството и во Купот на Македонија, најмногу поради ангажманот на евролигашката ѕвезда Крис Ворен и
пред сѐ на неговиот сонародник Дариус Рајс, кој важи за еден од најдобрите играчи во историјата на престиќниот универзитет Мајами (УМ).
Колкав е белегот кој Рајс го оставил во НЦАА-лигата во периодот кога настапуваше за колеџот од Флорида покажува и фактот што
вечерва ќе влезе во Куќата на славните на Атлантик коуст конференцијата (АЦЦ) во која настапуваат универзитети со извонредна кошаркарска традиција како Дјук, Џорџтаун, Сиракјуз…
А, само неколку часа пред официјално да биде промовиран во член на класата 2015 и тоа на полувремето на ноќешниот мечот на УМ против Вирџинија, Рајс одвои малку време да сподели некои свои размислувања со „Спортмедиа“.
Крилниот кошаркар во Македонија доаѓа на Божиќ и не знае многу за средината во која ќе престојува во следниот период. Но, поради една работа тој уште сега е презадоволен.

„
Знам дека доаѓам во земјата на Александар Велики и среќен сум поради тоа, бидејќи знам дека ќе има што да видам. Повеќе од ова не знам за Македонија, но сигурен сум дека ќе имам време детално да ја истражам. Љубител сум на нови предели и се надевам дека ќе видам што е можно повеќе работи од просторот од кој потекнува легендарниот војсководец“, ни изјави Рајс.
Американецот сезонава ја почна во израелскиот тим Макаби Ашдод, но не успеа да се аклиматизира на новата средина по што се врати дома. Своевремено, новиот „сокол“ бил сметан за еден од најдобрите средношколци од САД за кого веднаш биле заинтересирани неколку НБА-екипи. Но, Рајс решил прво да стекне универзитетско образование, по што повеќе не добил вистинска шанса да влезе во најсилната лига на светот. Пред десетина години имаше договори со Мајами хит, Кливленд кавалирлс, Њу Џерси и Далас маверикс, но во ниту еден од овие тимови не доби вистинска шанса.
„
Не сакам да се навраќам наназад ниту да се потсеќам што било во минатото. Сега сум сконцентриран кон тоа што ме очекува во Скопје во мојот нов тим. Немам информации ниту за противниците ниту за лигата во која ќе се натпреварувам, но тоа не го сметам за проблем. Професионалец сум и ќе давам сѐ од себе на секој од натпреварите во дресот на Карпош Соколи“, дополнува новиот американски кошаркар во таборот на „соколите“.
Освен играњето во САД, Рајс има и богато интернационално искуство и тоа играјќи за екипи од Венецуела, Јапонија, Аргентина, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин Порторико, Полска и Унгарија. Своите први обврски во дресот на тимот од Карпош ќе ги има кон среидната на месецов и тоа во четвртфиналната пресметка со Куманово од Купот на Македонија
http://sportmedia.mk/darius-rajs-presreken-sum-shto-doagam-vo-zemjata-na-aleksandar-veliki/
Што направија овие Карпош Соколи. Од каде толку финансии?