Истиот состав против ПСЖ, како оној против Норич во првенствениот меч. Тогаш пишав овде дека воопшто не ми се допаѓа селекцијата на играчи и формацијата. Раниот гол на Кенеди и среќата на наша страна го добија натпреварот. Против Норич. Сега не сакав да бидам негативен, па го оставив тоа за мене. Сите кои барем малку гледаат и знаат фудбал, а верувам дека старото холандско дртало знае повеќе од сите нас (или сепак не), треба да прават разлика помеѓу тим како Норич и тим како ПСЖ.
Натпреварот беше загубен уште пред да почне. Причините се следни:
1)Преофанзивна формација со дури 5 напаѓачи. Сосема непотребна. Челзи не беше во резултатски недостаток од три или четири голови. На Челзи му беше потребен само еден за да го елиминира ПСЖ.
2)Кенеди на лев бек. Дечкото даде се од себе и верувам дека ќе има одлична кариера во Челзи на неговата природна позиција, а не како голман или личен тренер на Микел. Но на денешниов натпревар беше тотално во аут. Вината не е негова, туку на оној кој експериментирал и го потценил противникот и неговите играчи (Лукас и Ди Марија). За првиот гол надвор од позиција, непотребно двајцата со Ивановиќ излегоа на Моура. Простор се отвори за Ибрахимовиќ, а нему малку му треба.
3)Џон Оби имам плочки и редовно посетувам теретана Микел. Мал подарок за женската популација, за денот на жената. Се соблече, се испочитува со играчите, мислам и дека се бакна со Ибрахимовиќ. И тоа му е врв на проклетата негова кариера. Не можеш бе лале едно холандско, не можеш едноставно да излезеш против физички спремна екипа како ПСЖ, со играчи од среден ред кои не знаат да играат во дефанзива. Еднаш ќе помине, можеби и вторпат. Но третпат, не. Фабрегас и Вилиан кој денес играше подлабоко во средината, во прво полувреме, се играчи со офанзивни карактеристики. Микел е играч со никакви карактеристики. Во офанзива не постои, во дефанзива исто така. Преспор, престатичен, преглуп. Не можеш Матиќ да го оставиш на клупа, без разлика на неговата слаба форма, за сметка на Џон Оби Микел. Најлошиот фудбалер што фудбалска Европа некогаш го видела. Или не го видела, бидејќи кретенот не постои на терен, ништо, нула, дух, Ѓорѓе Иванов. Матиќ слеп и во инвалидска количка е подобар од него.
3)Педро од прва минута. Не сум сигурен, ама мислам дека не направи ниту ЕДЕН успешен дриблинг или пробив по страна. Два-три очајни шутеви од далеку и толку. А остана во игра до крај не мечот. Старото дртало мораше да го уфрли Рахман, а Кенеди да се префрлеше во напад, или пак Оскар, уште од 60-та минута. Арно ама, немаше абер никаков.
4) Еден Хазард. Јас се откажувам од него и официјално. Се надевам дека и управата е на таа мисла. Извинете, навистина, но срамно е во најмала рака, цела сезона буквално, ама буквално на 35 натпревари да си меѓу најслабите поединци на терен. Да не придонесеш воопшто за тимот и за неговите резултати. Видете, разбирам некој да западне во лоша форма. Се случувало секому, ќе се случува и понатаму. Па дури и таков драстичен пад, од најдобар играч во Премиер Лига лани, до најголемото разочарување во фудбалската 2015/16 сезона. Му се случи и на Фабрегас. Но многу е важно како и дали ќе станеш после падот. Фабрегас и покрај лошата игра во првиот дел од сезоната, се трудеше, гризеше, се бореше и покажуваше дека сака да се врати на старо. Успеа во тоа. За разлика од него, Хазард со НИШТО не го покажува тоа. Ниту е борбен, ниту има некој жар во него, ниту се труди да ја поправи играта и формата. По неговото однесување и гестикулирање, заклучувам дека нему не му се игра повеќе фудбал. Во Челзи. Тоа е непочитување кон клубот, навивачите и соиграчите. Професионален клуб не смее тоа да го дозволи.
Ако така стојат работите, а најверојатно и стојат, на лето би му ја отворил вратата.
Да бидеме реални луѓе, лани беше навистина одличен. Во полн сјај, сезоната ја носеше на грб. Солиден беше и во претходните две сезони. Навивачите го сакаа и поддржуваа, Мурињо и управата исто така. Беше награден и со нов петгодишен договор. Клубот го награди за досега направеното. Арно ама, сезонава Хазард фрли кал на се што изгради во изминатите години. Талент огромен, неоспорен. За жал негова, а и моја, јас немам ништо против него, едноставно на некои работи им доаѓа крај. И покрај ова, мислам дека никогаш нема да биде голем, голем играч. Ќе биде одличен каде и да игра, но секогаш ќе му недостасува она. Она шампионското, да реши некој голем и важен натпревар кога е најпотребно, да го понесе тимот со себе.
А не е единствениот. Ги има во овој Челзи многу. Всушност, освен Коста, Ивановиќ, Азпиликуета и Фабрегас, нема играч со шампионски менталитет. Тоа најдобро се виде после вториот примен гол. Челзи беше анемичен и бездушен, натпреварот им заврши во 65-та минута. Дебакл. Еј, си мислам, да беа Лампард, Чех, Кол, Дрогба, Тери, јас ќе се надевав се уште дека Челзи и покрај големиот недостаток ќе успее да помине во 1/4 финале. Најискрено. Сега, кога ги видов како се тетерават...
Бидејќи сезоната за нас е веќе завршена, сите погледи се упатуваат кон летниот трансфер период и новиот тренер Конте. Кој ќе биде презентиран во текот на неделава можеби, за да се дефокусираме малку од овосезонското фијаско и да не удри некоја пубертетска возбуда. Прво нешто што треба Конте да направи е да вложи напори за задржување на Коста. Заедно со управата, како знаат и умеат да го натераат Коста да остане барем уште една-две сезони. Човеков вечерва покажа и докажа какво играчиште е.
Потребен ќе е голем и длабок рез. Кејхил, Микел, Тери(не го бркам јас), Фалкао, Реми, Оскар, Хазард, Педро (Ел Нињо беше во право. Педро е добар играч, но ништо повеќе од тоа. Добри играчи имаш со лопата да ги ринеш. Јас добив погрешен впечаток гледајќи го во Барселона. Која е толку добра што мислам дека било кој играч, освен Микел, со Меси и компанија би изгледал и играл феноменално).
Регрутирање на дел од позајмените играчи. Треба да се земат во предвид Ван Гинкел, Аке, Кристиансен, Мусонда. И секако, од три до четири квалитетни засилувања. Конте ќе има ѓаволска тешка работа, ќе треба да му се даде време. Процесот (звучам ко едно друго холандско лале) може да потрае.
Затоа врзете се.