КРАЛСКИ ДОЧЕК ЗА НАШИТЕ МОМЦИ
Избраниците на Хенрик Детман го следеа натпреварот со БиХ во хотелот во Друскининкај, а потоа приредија несекојдневен дочек на нашата делегација
Некаде околу полноќ, по натпреварот со БиХ во Алитус, пристигна автобусот со нашата експедиција во хотелот во Друскининкај, каде беа сместени сите селекции од групата Ц. Нашите момци беа навистина пријатно изненадени, Финците уште на влезот од хотелот направија вистински кралски кордон за македонските кошаркари. Исто така ја пееја и нашата спортска химна, „Македонија навива за вас“ од Тоше Проески, што нивните членови на делегација ја имаа научено на многубројните настапи на младинските првенства во изминативе години во Македонија.
Но, тоа не беше се, затоа што влегувајќи на вечера, нашата експедиција наиде на свечено поставени маси, со ексклузивни вина, како мало внимание за тоа што со нашата победа го направивме за нивната селекција. Сепак, вината беа заменети со по една чаша пиво за нашите момци, со ветување дека по првенството ќе ги отвориме во Македонија во чест на пријателството со финските кошаркари, стручен штаб и федерација.
http://www.basketball.org.mk/?ItemID=5603E5D653C7E1488A1C2D6EDA85D195