Средношколците кои вчера во Скопје оддржаа прес-конференција за да објаснат зошто сакаат етнички смени, тоа го направија со поддршка од некои невладини организации од Струга. Две од тие организации, „Мак сонце“ и „Младински форум“ од Струга, беа таму со нив во Скопје, информира „А2“.
„Младински форум“ од Струга воопшто не е регистрирана во Државниот централен регистар, а никој од луѓето од граѓанскиот сектор не знаат и не чуле за таква организација.
Од друга страна, „Мак сонце“ постои и е регистрирана. Тие годинава од буџетот на Владата за невладини организации добиле 310.000 денари за да реализираат проект.
Екипа на „А2“ тргна да го бара „Мак сонце“. На адресата под која се регистрирани во Централниот регистар, нивно седиште немало. По извесно време ги пронајдоа, но на друго место. Во мала просторија, тие делат канцеларија без телефонски број со една туристичка агенција.
Интересно е што луѓето кои живеат во околината на оваа канцеларија, воопшто не слушнале за „Мак сонце“, единствено ја познаваат туристичката агенција.
„А2“ го побара и претседателот на „Мак сонце“ и тој единствено дал објаснување зошто ги поддржува етничките смени, велејќи дека не биле етнички, туку јазични.
Инаку, што се однесува за проектот за кој тие добиле пари од владата, тој бил за зајакнување на капацитетите за интеграција на младите.
Меѓутоа, во Законот за здруженија на граѓани и фондации, во член 4, стои дека доколку се утврди дека организациите поттикнуваат верска, етничка и национална нетрпеливост, јавниот обвинител треба да поведе постапка и да испита дали тие понатаму можат да продолжат да функционираат така.
„А2“ го побара и јавниот обвинител од Струга за да види дали тој ќе поведе постапка, но тој денеска бил болен.
Инаку, жителите на Струга ги информирале „А2“ дека биле изненадени кога на телевизија меѓу средношколците од Струга, кои оддржуваа прес-конференција, виделе и такви кои учебната година ја завршиле лани или две-три години порано.
Интересно е што кого и да се праша од надлежните за ситуацијата во Струга, ќе кажат дека политика нема,но кога ќе се побара изјава од некого, никој не сака да зборува, велејќи дека не сака да се меша во политика.
И средношколците од Струга одлучуваат да не даваат изјави, затоа што се плашат да зборуваат, а се плашат токму од политиката.Извор А1