Македонија не прифаќа диктат од Атина
Претседателот Црвенковски не сакаше да ги коментира последните предлози на медијаторот Нимиц
Од нашиот известувач
Тамара Грнчароска
Љубљана - Македонија не е подготвена да прифати диктат од Атина во поглед на решавање на спорот околу уставното име меѓу нашата земја и Грција, порача вчера од Љубљана претседателот Бранко Црвенковски.
„
Јавно сакам да соопштам дека Македонија во име на својата евроатланска иднина и во име на иднината на своите граѓани и на понатамошната стабилизација на регионот е подготвена и работи на компромис, но Македонија не е подготвена да прифати диктат од Атина без разлика во која форма и на кој начин тој ќе и' биде испорачан“, изјави Црвенковски.
Претседателот Црвенковски вчера не сакаше да ги коментира последните предлози на медијаторот Метју Нимиц што ги даде на последната рунда преговори во Виена, пред да го добие целосниот извештај од преговарачот Никола Димитров и пред да се изгради заеднички став во Македонија врз основа на тој извештај.
„Апсолутно не сум подготвен да коментирам какви било поединечни формулации, бидејќи формулации како Горна, Северна, Вардарска и која било друга можат да се спомнуваат до недоглед“, рече Црвенковски, додавајќи дека Македонија е подготвена на компромис, но на разумен компромис. Според него, Македонија е подготвена да разговара за формулација различна од уставното име и за замена на привремената референца БЈРМ, но само доколку таа формулација не засега во националниот и културниот идентитет на македонскиот народ.
Црвенковски го повтори ставот дека „некакви дополнителни додавки на името кои можат да значат дополнително објаснување на државното уредување и кои не засегаат во националниот идентитет на нашата земја можат да бидат решение за спорот. Меѓу другото, заради тоа што овој спор можеби за неколку месеци ќе излезе од актуелната сфера во Грција и ќе биде заборавен, додека нашите граѓани со таа формулација ќе треба да живеат засекогаш и со неа да се легитимираат“, категоричен е Црвенковски.
Црвенковски, кој вчера беше во еднодневна работна посета на Словенија, во изјавите за медиумите рече дека две недели пред самитот на НАТО очекува да добиеме покана за членство, бидејќи Македонија ги има исполнето сите критериуми за добивање покана. Според него, тоа е „неподелено мислење и кај сите земји-членки во НАТО единствениот преостанат проблем е билатералниот проблем со Грција“, која го злоупотребува своето членство во Алијансата и правото на вето „во овој период да изнуди решение кое би ја задоволило Атина“. Црвенковски нагласи дека останува краток временски период до самитот на НАТО и дека тој ќе се искористи да се надмине овој проблем и Македонија да добие покана. „Но, дали тоа ќе се случи не зависи само од нас, потребна е добра волја и од другата страна“.
Словенечкиот претседател Данило Тирк, вчера околу спорот со името ,во име на Словенија како земја- претседавач со Европската унија, изјави дека тој е билатерален и дека на ниеден начин не влијае на текот на активностите потребни на Македонија за приближување кон ЕУ. За Тирк прашањата како што се визниот режим и датумот за почеток на преговори со ЕУ не зависат од билатералните прашања и „треба строго да ги одделиме“. Тирк вчера порача дека решение за спорот околу името треба да се бара во „разумен компромис“. „Разбираме дека билатералниот спор меѓу Грција и Македонија уште е отворен и дека македонската страна е подготвена за компромис, но и дека секој компромис што сакаме да биде успешен мора да биде и разумен“, изјави Тирк. На прашањето за злоупотребата на членството во Европската унија и НАТО како средство за решавање на билатерални спорови на државите- членки, Тирк смета дека ако поради мултилатералните случувања се создадат услови за забрзување на билатералните решенија, тоа е добро, „но билатералните прашања треба да ги пуштиме да бидат билатерални“. Тирк нагласи дека Словенија е меѓу многуте држави кои ја признаа Македонија под нејзиното уставно име со негово целосно почитување.
Двајцата претседатели разговарале и за интеграцијата на Македонија во ЕУ, за што Црвенковски нагласил дека Македонија има две јасно зацртани цели за 2008 година - до крајот на годинава да добиеме датум за почеток за преговори со ЕУ и завршување на преговорите за либерализација на визниот режим. „Точно знаеме што треба да направиме за да ги постигнеме овие цели и уверен сум дека од наша страна сите неопходни критериуми ќе бидат навремено и целосно исполнети“, изјави Црвенковски. Тирк од своја страна ја потврди заложбата и поддршката што и ја дава Словенија на Македонија за добивање датум за преговори и олеснување на визниот режим годинава. Тие разговарале и за билатералните односи меѓу двете држави со оцена дека тие се одлични и се движат по нагорна линија, особено во делот на трговската размена и словенечките инвестиции во Македонија.
Тие разговарале и за регионалните безбедносни прашања со акцент на Косово и актуелните случувања таму. Црвенковски вчера се сретна и со словенечкиот премиер Јанез Јанша и со претседателот на словенечкиот парламент, Франце Цукјати