Кога налетувам на симпатични текстови, сакам некаде да ги споделам. Овој пат, тоа нека биде на Кајганава.
"Мојот морбиден лифт.
Секогаш ме полазуваат некои морници кога се возам сама во него. Светлото е ужасно, лифтот е 10 години неискречен… Како во некој хорор филм.
По неговите ѕидови испишани се цели истории. Над вратата изгребано со клуч стои: ИСУС Е ЖИВ!!
На местото каде што би требало да стои огледалото , со пенкало е напишано: И ОНАКА НЕ СИ УБАВ, ШТО КЕ ТИ Е ОГЛЕДАЛО, а малце под него 6то Б – УСТАВ!!
По ѕидовите од страна се потпишани скоро сите станари, нивните омилени групи, и уште неколку генијални изреки.
А таму, некаде горе блиску до таванот стои Н + Д. И секогаш кога ке го видам ми се извлекува некоја насмевка. Се сеќавам како вчера, стиснав на копчето ,,стоп,, , две другарки ми направија индијанска, а јас се качив и со црвен маркер не обележав. Мислев дека така вечно ке траеме.
Се случиле многу работи во таа мала кутија.
Како мала, не сакаше да ме носи затоа што не бев доволно тешка. Морав да чекам да наиде некој комшија за да се возам со него.
Сум се заглавила милион пати, ми се скинала сајла, еднаш дури останавме заедно со мојот комшија кој ми беше симпатија, цели 45 минути заедно измеѓу 4ти и 5ти кат. Јас, третооделенче со вцрвенети образи ги преседов сите тие минути со спуштена глава без да кажам збор, додека тој ме тешеше дека се ке биде во ред. Сега е женет и има преслатко детенце.
Првата тепачка со мојата другарка- исто се случи во лифтот. Се случија и уште многу после таа.
Се кажаа многу тешки зборови, се случија многу разделби. А сепак, најтешка беше тишината, и оние зборови кои не се изговорија во моментите кога возењето од 6ти кат до приземје изгледаше како цела вечност.
Паднаа и многу бакнежи… Први, последни… Се започнаа и многу предигри…
Денеска го окречија лифтот. Ставија три сијалици и ново огледало.
Спремен е за нови спомени, за нови тепачки, среќавања, збогувања, бакнежи и предигри.
И додека секојдневно продолжувам да одам нагоре и надоле, со погледот по навика ги барам Н + Д.
А тие, остануваат таму во минатото, прекриени со свежата боја на сегашноста."