Драга вечерва нешто многу спомени ми навираат...ама убави, носталгични за едно минато време.
Се сетив на летните распусти минати во село. Убаво беше тогаш, по неколку недели останував во текот на летото. Имаше уште по некое дете, се собиравме и игравме. Не, не ни беше досадно ниту миг. Го потполнувавме времето беревме цвеќиња, игравме криенка, собиравме јајца, беревме овошки од градините, полневме вода од чешмата на сред село, правевме бељи и така. И сега го чуствувам мирисот на што туку испечениот леб во фурната, на сирењето и на густото кисело млеко, кое можеше како парче торта да се пресече и послужи.
Се сетив на баба ми, на нејзините испукани, огрубени од работа дланки. На нејзината свеана фигура, но сеуште жилава и непопустлива. Се сетив на мирисот на булките, на помастените раце, на кинењето ливчиња и играта ме сака, не ме сака. Знаеш кајгано убаво е да си дете, најголемата грижа да ти е дали убаво ќе се изиграш во текот на денот за ноќта слатко да спиеш.