Dear K,
требаше да бидам исцелител... ем пари ем популарност. Го кривам образовниот систем. Никој никогаш не ми кажал дека постои професија исцелител. Наместо тоа, ни поставуваа глупи бескорисни прашања од типот: Кој сака да биде астронаут? Видиш, за астронаут беше тепачка пошто сите сакаа да бидат тоа. Нормално, никој не ни кажа дека Македонија нема вселенска програма а ќе имаме врбата кога ќе роди грозје. Единствен астронаут што го имаме е Спиро кој неповратно е изгубен во Универзумов, иако никој не знае која програма ја користел да стигне таму. И додека ние учевме за Јуриј Гагарин и Герман Титов и сонувавме да бидеме како нив, луѓе се обучуваа да станат корисни за општеството и да работат професии од кои може да се живее убаво и кои се ценети од сограѓаните, роднините и пријателите.. Како на пример исцелител, поп, стечаен управник, лихвар... ја како мал не знаев дека постојат овие професии, со исклучок на попската ама мислев дека тоа го прават од љубов кон бога и во слободно време. Исто така, образовниот систем потфрли да не подучи за кои професии е потребно знаење, а кои професии може да ги работи секој дебил. Доцна е сега...кога не ми кажаа во школо, барем да го послушав Вито Корлеоне кога му викаше на Мајкл: „Микеле, синко, не го сакав јас ова за тебе, ех... јас сакав да си некој важен... пратеникот Корлеоне, портпаролот Корлеоне, тв водителот Корлеоне... некој...“
Штета драга... а ќе бев добар исцелител. Муштерии на форумов, колку сакаш...