Денов, малку шубе, ко полугодишен тест математика. Мижам цело време, мижуркам. Ми требаш, си велам.
Сакам да кажам многу. Не знам дали ќе успеам.
Скопје ме пречека ко прав кавалер. Магла, дожд, жолти улици од лисја, стоплени ќошиња дома, печена тиква и прегратки. Понекогаш, сето тоа е како магичен филм, кој во секвенца, се врти, врти, врти и оооп. Застанува, па можеш само да одмотуваш и да се сеќаваш. И да стискаш стоп.
Друго, ноќите во Париз навистина светат. Мислам дека ми треба уште едно срце за да можам да ги зачувам сите нешта што допреа до мене. Сите ситни и крупни глетки, од самото стапнување во авион, до последниот изеден макарон на пат накај Скопје. Од грејпфут, благо кисел, со боја на керамида.
Утрото, полууспана пред да тргнам, чекам авион, си фаќам некои белешки, кога што да видам - драгиот Никола Маџиров, исто патува за Франција. Си се замуабетивме, отворивме некои нови поглавја, тој за патувања и љубовта низ нив, јас за љубовта, и патувањата низ неа. Како неслучаен спој на двајца што пишуваат. Магично. Ко да си има мапа и животот, кога не’ среќава со Луѓе. Со добри поими, нивните прашања и молкум одговори.
Средбата со либето не можам да ја опишам. Не можам да ја срочам во текст. Премногу и премалку би било. Си пораснавме во очите. Си се најдовме пак. А се плашев дека може да се изначудиме кој е кој. Нема поубаво да се ре-заљубиш, веројатно. Зар може тоа да се напише? Не знам. Сериозно не знам.
Но, ете. Ги надминуваш илузиите, се среќаваш со личноста која ја знаеш и те знае.
И тоа трае.
Собиче со тешки завеси, маслинеста врата и црвен ѕид. Четврти кат. Маало Gambetta. Микро скалички и мирис на средство за дезинфекција и ружин парфем. Куфери со ракија, цигари, адидас патиките и мојата книга, со посвета. Првите денови, не знаевме што попрво. Светлина од очи и емоции ко заплеткани кабли, фрштат. Мадлени од Бон Мама и смути од кокос и банана. Се утепавме јадејќи тартови, крем брулеа, кроасани и микро чоколатца. Го пропуштивме нажалост, за само неколку дена Саемот на чоколадата. Но и без тоа, мене се’ ми е како надреално, вака отпосле. Кога седам во Скопје, со бањарка, Карпош тоне во меланхолија и мачињата се камуфлираат во жолтосивиот тревник позади зграда, се возобновувам.
Парижанките, сите со тенки црни хулахопки. Идеологија и мода во едно. Философија и бохемија во две. Во метро, свират на хармоника. Пеат во дуети. Чекаат милостина за уметноста што ја (про)даваат. Мириса на Либан, Алжир, парфеми и соништа. Се трошат ситни парички за крупни солзи. Спој на снобизам и смет. Контрадикција и светост. Нешто што импресионира. Не само како туристичка атракција, туку и историски. Тие улици и улички... Зборуваат гласно.
А во преден план - брзаница, темпо и задишани животи. Се' има и ништо нема. Глувци, хотелски пешкири, сунѓерчиња со лаванда, сноп лалиња. Микро светови во големи рамки, како кога гледаш низ големи прозорци во малите судбини.
Помпиду ми го облагороди животот. Плачев пред поставките на Фрида Кало. Мислам дека треба да се заблагодарам некому за се’ што ми предизвика сензација. Емоции, луѓе. Не си се видел со љубовта, не си имал допир, ниту физичка близина. Доживуваш сензорни експлозии, уметнички врвови и сето тоа напикано во 7 дена? Па среќна сум што сето тоа се случи. Многу среќна. На еден плакат начекав - Данил Хармс, Старица, театарска претстава за деца и млади. Совршено еј! Штета што не успеав да набавам карта и да ја гледам. Немаш време. Се’ е брзо. Или имаш агенда, или си изгубен турист. Се балансиравме. Се гледавме дури шетавме. А никогаш нема да бидам Французинка. Ниту пак тие ќе бидат јас. И така ќе се разминуваме по Елисејските полиња за навек. Оставив грст лаванда на гробот на Едит Пјаф. Имаше неколку врапчиња наоколу, а дожд, како порој од нејзините солзи на животот. Оскар Вајлд, Оноре Де Балзак, Исидора Данкан... Зашеметувачки великани во тоа мирно зеленило.
Монмартр од втор пат ми се виде поблескав од претходно. Можеби заради дождот?
Дали и Ме Вест. Падната вилица од вчудоневидување. Се држевме за рака додека зјапавме ко деца во излог од слаткарница.
Го слушаш оној затенчен, шик глас на градот низ сите јазици што се прелеваат. Да знае Малком Мекларен какво депре ме фати на Сан Жермен Депре, богами и би ми подарил црна ролка. Фантазија, без грам илузија. Вино и багет на Сена. Дува, врне, ние со чадори се гледаме очи в очи и сонуваме будни. Шетаме низ сите париски облини. Закачивме катанец со иницијали на мостот на Љубовта. Повеќе се смеевме одошто верувавме. Митови, насекаде владеат! И си верува човек, зошто да не? Не паднаа понуди за брак - иако сите очекуваа, ко со жед на камила, дека мора да паднеме во тоа клише.
А Париз е совршено клише и без понуди за брак. Таму се води љубов бре без ограничувања! Се’ и ништо во една кристална топка. Свет во ма(а)ло.
А просто ги обожавам колку се валкано несмасни и ноншалантно грозни. Ресторани со првокласна храна и шестокласен тоалет. Вуала! А што да очекуваш, турист. Како и милиони други. Не баравме третман. Арогантен е Париз, ко љубовник кој си ги чисти чевлите. Плус, во метроата можеш да си напишеш роман. Или да го прочиташ веќе почнатиот. И да си најдеш пенкалце во облик на багет.
Се' доживеавме. Се доживеавме. А најтопло е кога ветерот ни ја гаси цигарата додека се гушкаме на Sacré Cœur. Кога го тапкав со лажиче крем брулето во кафулето на Амели. Ко дете. Реплика. Ми е гајле за клишеата. Се случува живот еј. Сништа што од филм, си ги направив реалност. Што го видов тој фамозен шанк и блескави чаши како треперат од туристички блицови. Блага струја на неверување да те удри, баш. Супа од кромид, за загревање пред да се шетаме на Шанзелизе. И да се пие лимонада по сокачиња, зошто градот за жед не те прашува. Иташ, иташ, иташ. Секаде има агли во кои паѓаат рефлексии. Како кога ќе ти упадне фин мирис дома, пример од нечиј парфем, печени кифлички или омекнувач.
Презаљубена и чудна и некако ко нова сум. Се радувам. Па ме фаќа блага тага дека сето тоа заврши. Си ги гледам фотографиите и ми мириса на се’. Денес некој по трет пат ми рече - Зошто се врати од Париз? За да му отидам пак! Полни џебови ситници, полни куфери емоции. И така си продолжува човек да си живее.
Вам, ви го посакувам Париз да ви се случи. Со интензитет, со се' сите клишиња и вински шишиња.
А сега, мое Скопје... Ќе си шепотиме нови приказни по улици.
C'est la vie!