Лу Рид отиде. На другата страна. Не знам дали ќе почива во мир. Мене секогаш ме фаќа некоја светска тага кога музичари умираат. Ко да умира цел еден свет на композиции. Па посилно е од мене. Забивам заби во крушава, ко зелен гремлин и молкум дремам. Алишта за диплење - мора да се средат. Вака, хаосот ми царува во собава и чека да ме проголта. Ме чеша ракава, изгледа некое пајаче скијало врз мене вчера, и имам плик на лактот
Бар плик со евра да ми оставеше, нели пајаци пари носеа?
Сонував како инсталацијата во соба нешто потпукнала, и сите ѕидови се обоија во темно, модро сино, како најдлабока точка од универзумот. Се подзамислив и ме фати језа. Сега шарам барам по толковници и си читам за тажни облаци и мудрости од некои замислени мундани астрологии. Надвор пролет, мене сина позадина. И капе од петти кат, комшиката има расипана центрифуга. Живот ко исечок од филм на Фелини.
Сакам само да дојде мигот кога ќе се претвори сево ова во јарко црвенило. Ќе дојде, го мирисам, го чувствувам како аждаја што блуе оган, секој месец. Се вика менструален циклус и ти ги реди коцките ко што треба. Раат си. Бајче. Веќе не патетизираш, не драматизираш, ти смекнува телото, ти омлитавуваат рефлексите и биваш Жена. А до пред тоа? Лудила, бои, интензитети, надразнет нос (од кафе ми се приповрати вчера), презир кон сите и секого, урлање зошто капе чешмата во кујна, зошто книгите што ги прередував, некој ги извадил и преместил, ама... Неподносливост сам за себе. А свесно знам - ќе помине бре. Хормониве играат салса, со сласт. Слушам албуми на Mike Oldfield и ми текнува на сите документарци по биологија, за размножување и оние грди укочени кадри кога мајката демек го раѓа детето, со пискав проблесок на дисторзирана гитара и византиско пеење. Полудувам кога сум во хиперсенс. Па денес ќе чистам како домаќинка чии лалиња се вивнуваат високо над холандските брани и ќе војувам со себе.
Најтешката војна.
Ќе падне крв, сигурно.
М.