Fly, do not fear!
Драга Кајги,
Кога бев мала секогаш имав само една желба за нова година, посакував новата година, сеедно каква била старата, да почне без случувањата од минатата, нели минатото треба да го оставиме зад себе. Секогаш знаев дека желбата нема да ми се исполни, ама јас си ја посакував толку многу. Kако минуваат годините така и влијанието на минатите години станува се` поголемо и поголемо и мислам дека оваа година кулминираше!
Елаборирајќи ги случувањата од лани видов дека некои работи се реперкусија на прекрасните 2008 и 2009. Се` што сум започнала тогаш се заврши прекрасно, да не речам неочекувано одлично. Успехот беше очекуван, но не во овие размери.
Во животот има премногу работи врз кои не можеме да влијаеме. Жално е кога ќе го изгубиме она кое сме го посакувале толку многу и сме го имале многу кратко време. Утеха ми е што барем ја почувствувавме среќата, знаеме дека постои! Чудно е колку лесно можат да не поразат некои работи, сеедно е дали ни се случиле нас или на некој кој ни значи многу во животот. Јас не сум остров сама за себе, ми требаат и другите за да функционирам добро. Но, кога на саканите не им оди нешто, тогаш и кај мене шкрипи работата. Последните недели на ланската година беа мизерни, финишот беше ХОРОР! Се` се сруши како кула од карти во еден момент, неочекувано. Во најголемата радост се случи најголемата тага! Оваа година треба да биде нашата пресвртница, со новиот живот започнува се`. Минатото останува минато, сегашноста треба да ја средиме, за иднината да биде пристојна. Сите ми кажуваа дека е нормално преломниот период да биде ваков, ни таму - ни таму. Некој може така да тера, јас не можам. Јас сум женско, а ние функционираме ептен посложено.
Сеуште не можам да сфатам, зошто за толку едноставни работи јас размислувам и се двоумам толку многу? Нормално е да размислуваш за својата иднина и за некои ситници, некогаш ситниците знаат да расипат се`, но мислам дека претерав за некои работи. Јас сум голема девојка, знам кога ќе ја утнам работата. Пресреќна сум што можам да си ја увидам грешката и да се поправам. Сметам дека тоа е една од најубавите човечки особини, ама треба да се има усул бре...
За некои луѓе имав преголеми очекувања. Доколку некој седи на страна цело време и те чека ТИ да ја направиш целата работа, за на крај да ти рече: ТИ погреши, ТИ се откажа, ТИ не направи доволно, тогаш треба да си ја растресеш малку главата и да се запрашаш: колку луѓе сте вклучени? Кога видов дека некој не мрда со мал прст требаше да сфатам дека понудата за иднината ни е различна. Штом видов дека треба јас да ја покажам мојата понуда, а да не очекувам такво нешто за возврат требаше да бегам што подалеку, дури ни Болд да не може да ме стигне. Јас погрешив! Ги направив најкрупните грешки, направив штетен компромис за мене. Најлошо е кога себе ќе се ставиш во најзаден план, се` со цел да успее некоја работа која веќе си ја започнал. Компромис се прави однапред, а не кога ќе почне реализацијата. После свадба не треба тапани, биднало. Во животот се` ни се случува со причина! Од нас зависи како ќе го пресретнеме проблемот, можеби ќе не изненади, а можеби ќе бидеме спремни.
Драга, за оваа година направив 10 крупни планови и куп поситни кои треба да ги реализирам. Дел почнаа да се остваруваат, а за дел треба време. Мило ми е што се вратив повторно во колосек, но жал ми е што мораше ваква работа да ме здрма. Пред некој ден имав многу измешани чувства и мисли, ама сега се` е на свое место. Се чувствувам повторно среќна и задоволна со себе и со постигнатото до сега. Розевиот период заврши, но сега има нешто многу поубаво. Сега има цел спектар на бои. Фала што беше дел од мојот живот, научив многу од тебе!
Драга Кајги, среќна нова година и сите празници кои следуваат сега. Господ сите да ги дарува со најубави работи!