Драга,
Некои од нас сериозно пролупале или одамна немале одредени мисловни и физички активности. Се чудам, ко баба кога со два прста се подзасипнува и си ја брише устата на сретсело со полуиздишан глас. Смешки. Во остатокот од времето, билдам концентрација. Сонувам како ми дилаат часовници без сказалки и како ја лажам една другарка дека сум аплицирала за работа на Исланд и дека никогаш нема да ме види повеќе. Колку супер, нели. На Саем првнав ко кокиче. Смрзнат нос, кафе и колегиум. Седум книги, пари аш, но затоа срцево си трепери како да сум тинејџерка. Кај Мане на промоцијата, го фатив афектот и ефектот на срцебиење надвор од себе. Пееш и читаш истовремено, надвор врне, а животот тлее како штотуку угасната свеќа. Мириса на јасмин, на важни и влажни улици, но си врват сите мисли и кучињата лаеле или не - ти постоиш, со сета своја идиотштина и планови.
Центрифугата е способна да ти ги изеде сите чорапи, тоа со сигурност го тврдам. Сите прочитани упатства за борба со светот, не вредат се’ додека не попиеш една вистинска шлаканица. Од ветер, од авторитет или од некој ближен свој. Ахам. Ефекти и дефекти. Светки и демагогии. Мене, ко во мачкино кошниче ми е топло и си ги потфаќам бутовите при секое гледање во огледало. Ммм. Целулит. Лето. Да трчам или не? Да хрчам ако не. Корки од портокал, ма мрш бре и ти и сите твои списанија за жени што лажат. Си се сакам и ваква. Си се исповедувам и готово. Завршува денот, се заокружуваат комплиментите и душата е продадена за грст верба.
Саемски, секој божји човек би си купил брдо книги и би се радувал што кафето е бесплатно.
Јас еве што купив и цел ден му се радував.
Посилно од мене. Џивкам и си слушам туѓи тајни.
М.