Интересно е како низ историјата, поддржувачите на одредени идеали ги истиснуваат делата направени од некои други со поразлична идеолошка определба.
Пример во екс СФРЈ, делата на партизаните во времето на втората светска војна биле оние кои што цел народ ги славел, додека случувањата од претходниот век, биле оставени во заборав.
Во денешна Македонија, се слави се останато, освен делата на партизаните кои за некоја година мислам дека и за воени злосторници ќе почнат да ги сметаат.
А рајава како им се заповеда, така и си размислува.
Срамота е да не си ја чукнеш главата и да си речеш, па и тие луѓе гинеле за да го имаме ова што го поседуваме денес. Не мора да се осудуваат заради нивната идеологија, која и онака им била наметната како што и денеска се наметнуваат најразлични идеали.
Инспирацијава за постов ја добив случајно од филмот за Бошко Буха

Колку треба да ти биде ограничена слободата и да ти биде голема горчината спрема окупаторите, за да на толку рана возраст се решиш да застанеш зад браникот на татковината?

И во тие години и за време на Османлиите имало еден куп голобради момчиња кои ги напуштале најблиските и свесни дека ќе го загубат животот, оделе во борба со надеж дека нивните фамилии ќе имаат посветла иднина од нив.
Да беже жив дедо ми, за неколку дена ќе полнеше 94 години.
Поминаа десет години како не ги слушам неговите приказни за неговото детство. Уште од мал се борел за прехранување на својата фамилија. Втората светска војна ја затекнал како војник во ЈНА. По нападот на Германија врз Југославија, ЈНА се распуштила и дедо ми се вратил во родното село. Ама Бугарите го окупирале Велешкиот регион и го приклучиле во нивната војска, па го пратиле на служба во Ќустендил. Некое време кроеле планови за бегство, едната група избегала, но групата на дедо ми била фатена и по казна биле пратени на море во Грција за да копаат ровови. Дедо ми по занает бил молер, па место да копа ровови, молерисувал касарни...
Кон крајот на 42-ра успеал да избега во Македонија по што се приклучува на едно од четите на Партизаните во регионот на Дебар и Гостивар. Набрзо напредува во капетан на четата.
Во тоа време најголемиот крвник на Македонците во тој регион бил Џемо Хасан, ака Џемо баЉист.
Најомразениот лик на дедо ми, особено не можеше да прежали што за влакно му побегнал во селото Долно Мелничани. Некој им дојавил дека четата на дедо ми е во околината, па Џемо успеал да избега со неколку свои "телохрнители" додека останатите биле затечени од партизаните. Бегајќи кукавички од битка, Џемо ја оставил пушката и двогледот. После толку години пушката и двогледот на тој крвник, сеуште се некаде низ мојава куќа

Со пушката си играв како мал, шетав по улица со нејзе и плашев луѓе

Двогледот многу малце го памтам, само знам дека имаше некои координати кога се гледаше низ него...
Дедо ми и во 2001 на 81 година сакаше да оди во војната, а донекаде и среќен сум што сега веќе не е помеѓу живите, затоа што да знаеше каква е состојбата во државава и дека има шанси да му се стави статуа на неговиот најголем непријател, веројатно срце ќе го фатеше...
Еден куп вакви приказни ќе заминат во заборав затоа што борците од овој период се дискриминирани во сегашноста...
Инаку многу сум емотивен на некои безвезни филмови

Неверојатно како некои сцени може да ми ги насолзат очиве...
Сабајлево гледав некој филм со чудовиштето од Лох Нес и неговото другарче... Особено потресни ми се сцените со разделби помеѓу двајца пријатели или сопружници, разделбите кои значат збогум...
П.с. утре полагам, затоа сум во филозофски филм влезен
