Драга Кајгана,
Мислам дека беше само прашање на време кога ќе ти отворат тема „Музика од Турските серии“. Обрни внимание на големата почетна буква Т. Тоа не е правописна грешка, тоа е од почит кон величината на оваа појава, којашто и јас ѝ ја признавам.
Музиката ја слушам по стопати на ден. Ете, напишав. Секогаш кога ќе се излажам да земам далечински управувач во рака. Секогаш кога ќе поминам покрај трафика. Секогаш кога ќе влезам во маалско дуќанче. Секогаш кога ќе одам на гости кај некого. Музикава ми ги силува и ушите и мозокот!
Јасно дека никој не ќе ги чуеше прекрасниве ориенталски звуци да не беше напливот од турската продукција на нашите телевизии. Без разлика што повеќето од музиката е само турски еквивалент на балканскиот благ турбо-фолк, не навлегувам во вкусови; оваа музика е позадина на една од најстрашните појави во регионот. Нејзиното примање значи голтање многу, многу повеќе.
Како и да е, ги оставам твоите корисници да уживаат во саундтракот од „Чудесната судбина на Фатмаѓул Кретенџи“. Кој сум пак јас, еден неписмен нацист со затворен ум и без смисла за хумор, да ти кукам?