Петоков си го резервирав за себеси. За мали ситни, неважни ѓоамити нешта, ама ете така. Спокој што ми фали, ми треба, ми дава одмор како ѕиркање низа калеидоскопски двоглед, во сите бои, ама и од далечина сум си Дома.
Стар џемпер, какао, некои нови музики, сурфање, цртани филмчиња и скајп со Него. Лакирање ножни прстиња и прередување џемпери. Со жениве вчера се разбиртијашивме во најконфузната меана во живот во која сум била - ИнВино. Дискобол, Нотрдам, телевизор, црвени светла, коњопои, подрум во кој не се гледа кој пие кој плаче, и сето тоа залиено со шприцер. Главава ми знаеше денес како се одржав. А и на работа богами не беше баш прибрано. Затоа и сега се оддадов вака, на една скрибоманска терапија. Утре сум на Матка да истражувам нови хоризонти од старо место, а во недела планот е да се пее но да не се пие! Ај и тоа да видиме!
Но, некако сета мирнотија на деновиве си ја апсорбирам како со сунѓер. Во сите делови, и од телото и од главата.
Се истрошив емотивно и полудено деновиве. Со моја пичола бевме на шетање во Чаршија и додека ручавме петка со кромид во Турист, ни седна едно деде на маса, нарача "црна кава" и на староскУпски ни го развлече денот како лента од старо кино.
Доктор по професија, со три деца разбегани низ светот. Со речник кој мислам дека со диктафон требаше да го снимам за да ловам зборчиња и цели кованици што никогаш претходно не сум ги слушнала. Тага и носталгија, но и надеж во зборовите. Што би рекла една моја колешка - абе остај тоа, пациентажа! Можеби и така изгледа, кога ќе ви дојде се’ одеднаш. И лекции, и тага, и докторска дисертација, и вредоносен систем граден за време на војна и постземјотресно, и тоа се’ така фино распослано на коцкаст чаршаф низ две голтки кафе/ракија и мирис на зажарени ќебапи. Скопје во отсечок на две генерации. Ние од еден распаднат систем кој остави долгови, тој од седум системи кој оставил не само долгови, ами и мртви идеологии.
Се’ е идеологија, би рекол Жижек. И нашите потиснати стравови и ставови што некогаш успешно ги зашиваме во длабокото, но секако испаруваат. Дали низ мисла, гнев, песна, статус, игра, бол заради некое сеќавање, се’ е некаква идеологија. И не можеш а да не си помислиш каков старец би бил. Старица еве. Ко кај Хармс? Crazy cat lady? Со кошница полна книги или прототип на баба што ќе ги носи внуците на театар и ќе се надева дека нема да ја ограби некој додека парадира со шешири по улици?
Појма неам. Пијам какао и си го мислам носот на Адријан Броди. И мачорските сини очи на мојон. Како ме шета низ париски уличиња и пиеме кафе во Café des 2 Moulins, а јас си купувам чадорче со апликации од Амели. Срцево ми се растреперува. Не знам што ме чека во животов, ама знам што јас чекам. И што ќе добијам.
Се потресов за вестите денес. И истовремено ме фати благ напад на паника дека животот е краток а јас работам администрација. Па се плеснав во чело. Жива сум и имам надежи. Имам планови.
Ама... И нели, тука завршува се’. Ако продолжам, ќе почнам да јадам муви.
Петок. Време за себе. Онака, како кога се самогушкаш, зошто освен Ти, никој друг не може да си го подобри, а богами и зезне животот.
И мекици. Еее, мекици! Како сум ја прекршила диетата денес...
Брусници, ореви, леќа за ручек, и ооооп, две мекици со сирење прееска. Еднаш се живее. Еднаш се мекнее.
Се’ друго ќе биде прашина.
М.