Кајг,
најискрено денес пробав да не ти се обраќам тебе.
Но на сите што се обратив, останаа грозни и празни.
Обичен ден беше Кајго, се довлечкав на работа со мисла како ќе ја преживеам втора смена, со мањак персонал. Отидов порано, да се напијам кафе.
Фејсбук. И тишина.
Умре едно дете. И тоа не денес. Денес беше вторник. Умрело во саботата.
Не беше тоа тага.
Беше бес, очај, лутина.
Стоев немо и читав. Еднаш, два пати, три пати.. Не беше реално и некако, не беше вистински.
Колегата ми рече - чекај, па многу деца умираат.
Во право е. Умираат. Ниту едно не смее да умре.
Но не сите деца се убиени.
Барем за мене, постои огромна разлика меѓу убиство и смрт поради ненасилни околности.
Убиството е предавство, према себе, према човечкиот род.
Но ова дете, не беше само убиено. Беше убиено од оние кои требаше најмногу да се борат за неговиот живот.
Како молња ми дојде Смилковско. И тие беа деца. Нечии деца.
Но на крајот, некој плачеше за нив.
За ова дете нема кој да плаче. За ова дете нема кој да пали свеќи на плоштад. За ова дете нема протести, нема правда.
И најмногу од се ме погоди тоа што самошто родено дете, е најневиното нешто на светот.
Неговата смрт не беше затоа што било албанец или македонец, не беше затоа што било христијанин или муслиман.
Неговата смрт се случи само затоа што беше живо.
Зарем постои поголемо предавство од родителското? Постои ли посвиреп чин од убивање на своето дете, и тоа на начинот на кое беше убиено?
И да се најде виновникот, и да му се пресуди најголемата казна, малку е. Малку е се.
А уште повеќе пече вистината која кажува дека ,,тој некој,, најверојатно нема да се најде.
Затоа што не знаеме ниту дали е тој некој неговата мајка? Можеби и таа без јазик и задавена гние во некое мочуриште.
Можеби некаде е среќна што конечно успеа нејзиниот план.
Не знам. Ама прв пат имам чувство дека нема да се премислам да имам шанса да ја мачам три пати повеќе од што таа го мачеше него.
Затоа што пострашно од ова, нема.