Евроамбасадорот Ерван Фуере побарал официјално толкување од Брисел дали измените на Законот за следење на комуникациите, кои стапија на сила од денеска, ги загрозуваат правата и слободите на граѓаните.
Забелешките, кои според дипломатски извори, ќе бидат испишани на педесетина страни, се очекува да пристигнат во текот на неделава.
Амандманите се доставени на разгледување. Комисијата се уште се нема произнесено со своите заклучоци, велат официјално од канцеларијата на Европската комисија.
Полицијата сега може да прислушува телефони, да инсталираат специјална опрема во сечиј стан или канцеларија, да поставуваат бубачки за прислушување или камери во домовите. Досега тоа смееја да го прават само кога имаа основи за сомнение дека некој граѓанин извршил тешко кривично дело и само кога доказите не можеа да се обезбедат на друг начин.
Од денеска, законот им дозволува специјалните мерки да ги користат дури и во случај кога се сомневаат дека можеби планирате да извршите кривично дело, па макар и тоа да не е тешко. Ќе можат да ги користат и кога ќе имаат друг начин да соберат докази.
Од денеска веќе и Вашиот и-мејл не е безбеден. Доколку полицијата смета дека сте направиле некое кривично дело, смее да ја следи Вашата електронска пошта.
Од Министерството за внатрешни работи тврдат дека законот е европски и дека граѓаните немаат потреба воопшто да се грижат.
Иво Котевски
„Самиот закон и измените точно ги дефинираат начините како ќе се постапува, поточно почнувајќи од барањето за идавање наредба, па се до издавањето наредба од истражниот судија, потоа примената на посебните мерки на следење на комуникации, па се до начините на чување на податоците, издавање на посебни извештаи, информирање на истражниот судија, уништување на материјалите“, изјави Иво Котевски, помошник-министер во МВР.
Законот и по еден месец откако беше донесен по итна и скратена постапка предизвикува реакции во јавноста. Невладината Транспарентност Македонија повикувајќи се на неофицијални податоци обвини дека власта сега прислушува 3-4 пати повеќе отколку во минатото.
„Сега, со ваквите законски решенија, практично се даваат одврзани раце на полицијата и тајната полиција да прави што сака со приватноста на граѓаните“, изјави Сашо Ордановски, претседател на Транспарентност Македонија.
Според најавите, измените на законот утре ќе се најдат и пред Уставен суд. По иницијатива на опозиционата НСДП, тој ќе треба да утврди дали се повредуваат уставните права и слободи на граѓаните.
А1