ВМРО-ДПМНЕ ГИ ПОДГОТВУВА ОПШТИНСКИТЕ КОМИТЕТИ
Падна директива: Омекни за името! Игор Чавески
Владејачката партија почнала да го подготвува теренот за решавање на спорот со името и за организирање референдум за изјаснување на граѓаните. Општинските организации на ВМРО-ДПМНЕ деновиве добиле наредба од највисокото партиско раководство да почнат да ги убедуваат членовите и симпатизерите на партијата, кои имаат потврди ставови за прашањето за името, дека до крајот на годинава мора да се најде компромисно решение, дознава „Време“ од партиски извори.
Активистите на ВМРО-ДПМНЕ имаат задача во текот на летото да работат на терен и да го убедуваат партиското членство, но и останатите граѓани, дека спорот со Грција не треба да се одложува и дека во интерес на државата е што поскоро да се најде решение. Партиските активисти во следниве неколку месеци ќе организираат трибини во речиси сите општини на кои еминентни професори, пратеници и министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе говорат за важноста Македонија да се согласи на промена на името за што поскоро да станеме членки на НАТО и да напредуваме кон ЕУ. Посебен акцент ќе биде ставен на општините во источниот дел од земјата каде што партијата освои помалку гласови на претседателските избори и кои не ја поддржуваат идејата Македонија по секоја цена да се согласи на промена на името.
Според нашите извори, активистите на ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат посебен проблем да му објаснат на членството зошто партијата треба да го
прекрши она што е наведено во изборната програма, дека нема да се прифати промена на уставното име и каков било компромис со Грција.
Ваквите активности доаѓаат во период кога државниот врв се наоѓа под засилен дипломатски притисок за наесен да се постигне компромисно решение за спорот со името.
Потешкиот дел за партиските структури е како меѓу народот да се обработи прашањето за референдум и да се создаде клима за негов позитивен исход. Претставници на меѓународната заедница неколку пати изјавија дека државниот врв, ако сепак биде распишан референдум, ќе мора на него да се изјасни афирмативно и да направи се за тој да успее. Ова ќе биде особено тешко затоа што само пред неколку месеци првите луѓе на ВМРО-ДПМНЕ говореа за двојна формула и дека не треба да се прифати име со географска одредница ,како што е, на пример, „Северна Македонија“, кое најчесто се споменува како можно име за меѓународна употреба.
http://vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=3&tabid=1&EditionID=1728&ArticleID=115487