[FONT=tahoma, verdana, helvetica]Замислете, од тој/таа што ве сака, да слушнете реченица (колку полна со љубов, и колку, ах, колку! импрегнирана со интензивна, придушена мелодија на нем пререк - поскокот што сопствениот отров го голта за, оној на кого му е наменет, да не би да се отруе!) со која ве соочуваат со најдраматичната човечка дилема:”Толку те сакам што би сторил/а сè за тебе! Што би ти сторил/а за мене?”
Што би сториле за оној кој безмерно ве сака и кого безмерно го сакате?
Што мислите дека треба да сте готови да сторите?
With all due respect - со восхит и почит за секој ваш одговор, одговорот од кој јас не би отстапил е:
“Со тоа што постојам, сторив сè што треба!”
Дури и си што е можно да се стори! Оти, за тие што нè сакаат, доволно сторивме со тоа што постоиме!И обратно, се разбира: Тие што ги сакаме, сториле сè што треба и сè што може да се стори, со самиот факт на нивното постоење.
Сосема е достатно тоа што те има, ти која/кого ја/го љубам! Не барај повеќе, ти кој/која ме љубиш!
Апсолутните нешта императивно бараат апсолутен приоритет. Љубовта е апсолутно чувство. Таа мора да застане над сè. Љубовта опстанува онолку долго колку што суверено престојува во тој апсолутен статус. Што и да и’ принесете, - пред нејзините колена, до престолот на кој, со регалии китена, царува, - таа ќе овене; и колку и да е возвишено осамена, оставена да чека, колку и’ да биде, навидум, негалена. И скудни нека и’ се лебот и виното - само одличјата нејзини не гибајте и’ ги! - љубовта ќе вирее, од карпата потврда, од времето безмерно, на чекање поподготвена! На местото со кое споредба нема, поставете ја - и љубовта ќе го надживее светот!
Бидете!
Нека ве има за оние што ве љубат!
Сè над тоа - и неможно и одвишно е; сè под тоа е денгуба и недоразбирање!
Апсолутниот карактер на љубовта, нејзината неприкосновеност, ја прават да биде царска во свои одлуки. Таа решава за битие и не-битие, за животот и смртта! Дробните нешта нека останат за она време во кое ќе се живее пусто, со сè друго, но без неа. За бавење со политика, за играње фудбал, за свирење кавал, за сè друго, пресудно е и кој сте и каков сте - нужно е да се знае дали ве бива. Морате да се докажувате пред оној кој ве најмил за кавал или за амал. Вашиот статус е само условен; тој не е сигурен, не е надвор од опасности да се слизнете, да згрешите.
Само со оној и кај оној кој ве љуби - сигурни сте! Денес не сте убав/а? Болни сте? Нерасположени? Депримирани и намќорести? Колку беспредметен е секој разговор за тоа дали сепак и денес сте љубени! Оти, љубовта не е сакање на ваша одредена состојба, ниту на некаква ваша особена способност.
Љубовта е љубов кон вашето постоење.
Таа е сакање на вашиот реалитет, на чудото на тоа што ве има. Самиот факт што излеговте од глувонемата анонимност на сонот и мечтите - што, од шумите прадревни излеговте и му се укажавте на оној кој ве љуби! - што се инкарниравте во онтолошкиот ред на нештата, што станавте онолку вистински колку што е вистинска оваа книга, оној цвет, тополите покрај патот - самиот пат по кој се чекори - тоа е ваша виза и ваше искупување. Вашиот придонес. Ништо, буквално ништо повеќе од тоа, ниту може да се направи, ниту треба да се верува дека е нужно и можно! Докази барате!? Сетете се само, погледнете, колку луѓе напразно правеле чуда за да бидат сакани од некого! И колку ги има што се сакани - а самите да не знаат со што ја заслужиле љубовта. И добро е што е така. Ако беше поинаку, секој што ќе беше способен и готов да стори нешто што вие не можете, ќе ви ја одземеше големата привилегија да бидете сакани. Тие што ве сакаат, ќе го сакаа наместо вас - тој другиот - способниот, богатиот, убавиот, смелиот, моќниот. А и тие, способните, богатите, убавите, смелите, моќните... и тие, ќе останаа несакани кога ќе ги изгубија своите квалитети! И зарем оној кој што би бил сакан заради богатството (на пример), воопшто е сакан!? Зарем не се тоа неговите пари што биле сакани!? Оти, и со нив и без нив, тој е оној истиот.
Затоа, да љубиш и да судиш, исто е. Но оној што љуби, не суди како судија, ниту како мислител расудувач, туку онака како што суди сончевата светлина кога еднакво им се подарува на сите нешта во овој свет - па и на секој беспомошен, осамен и онемен камен во ливада.
За оние кои ни љубат, како и за Сонцето кое нè грее, треба да имаме само една дарбина, треба да исполниме само еден услов, да сториме само еден напор, да се здобиеме само со една заслуга: Не смееме да исчезнеме, треба да бидеме, мора да нè има!
ова е текст на Ферид Мухиќ и мислам дека на темава ќе и даде малку поинаков вкус...
[/FONT]