СИЛЕН ПРИТИСОК ЈА ОЧЕКУВА АТИНА
Грчките медиуми денеска пишуваат за силни дипломатски притисоци што ја очекуваат официјална Атина пред Самитот на НАТО во Букурешт. Провладиниот Катимерини шпекулира дека во целиот проблем ќе се вмеша и лично американскиот претседател Џорџ Буш, кој по средбата на Шефер со Кармалнис телефонски ќе разговарал со грчкиот премиер и со претседателот Бранко Црвенковски. Во кабинетот на Црвенковски велат дека засега нема најава за за евентуален телефонски разговор на претседателот со Џорџ Буш.
Катимерини во опширна анализа констатира дека откако пропаднаа и последните преговори во Њујорк, сега медијаторот Нимиц целосно се потпира на притисокот што треба да го направи САД.
Речиси без исклучок сите медиуми денеска ги пренесуваа сите анализи и испитувања на грчката јавност, како поткрепа за оправданоста од употребата на вето. Општа констатација, кај медиумите во Атина дека сега е најнеопходниот момент да се најде решение за спорот, во спротивно ставањето вето за прием на Македонија во НАТО, е сосема извесно. Осум од десет испитаници сметаат дека грчката Влада треба да употреби вето доколку не се најде решение за името.
Елефтерос со наслов - Ракети на НАТО против Грција по пропаста на преговорите во САД, сликовито го опишува притисокот со кој се соочува Атина. Ваквиот притисок, пак, оценуваат други грчки медиуми, само ја приморува Атина го до употреби правото на вето.
За силен притисок врз Грција да се откаже од ветото, се и текстовите на весниците кои излегуваат во околината на Солун. Тесалоники пишува за острата порака што ја добила грчката Влада од Буш - заборавете го ветото, стои на насловната страница од овој весник.