Има многу филмови што ми се омилени. Некои сум ги сакал како дете, ги сакам и сега, а други сум ги прераснал. Никогаш не ми било важно кој е глумец, кој режира а кој пишува сценарио, но со текот на времето изградуваме некаков (не)вкус и така, како и во се друго, селектираме и кај филмовите.
Во долниот список има секакви филмови и тој во никој случај не е целосен, ниту пак во него има некаков ред, во смисла на тоа - прв, втор итн. Веројатно и кусите искажувања не се којзнае што, некои од нив одамна не су ги гледал.
Elephant man - Најдобриот филм на Линч, според моето скромно мислење. Плени со својата (не)човечност во секоја смисла на зборот. Приказна за тоа какви се можеме да бидеме и одвнатре и однадвор.
Rashomon - Според еден убав расказ на Акугутава, режисеров снима не помалку убав филм. Секој си има своја вистина и таа не мора да биде помалку вистинита од туѓите вистини. Што на крајот на краиштата е вистината и кој е меродавен да ја оценува?
Dersu Uzala - Од сите филмови на Куросава, овој ми е најомилен. Секако му е еден од најдобрите и го препорачувам. Не заради тоа што е награден со оскар, туку затоа што овозможува, меѓу другите нешта, и увид во цивилизацискиот расчекор меѓу човекот и природата, низ призмата на еден мал човек, кој сакал или не, претставува врска меѓу нив.
Kagemusha - Историска приказна за едни, психолошки трилер за други. Колку можеме да се соживееме со туѓите улоги и животи што ни се наметнати?
Star Wars IV-VI - Лукас се надмина себеси со овие 3 филма. Ништо што режирал пред тоа и потоа не може да се мери со оригиналната приказна која се одвивала
far far away...
Goonies - Авантуристички филм за деца. Нема метли за летање ни волшебни стапчиња. Таман.
Green Mile - Класика. Одлично напишани карактери кои се исто така, совршено одглумени. Дури и глушецот се снашол
The Shining - Стенли Кјубрик, Стивен Кинг и Џек Николсон. За мене повеќе од доволно.
The Godfather I, II - Совршенство. И во режијата и во глумата, во музиката. Море во се`. Најголемиот дел од филмовите за мафијата неизбежно се под сенката и влијанието на овие остварувања.
The Omen I,II - Ретко се случува да видиме толку големи имиња како Грегори Пек и Вилијам Холден, во неправедно потценетиот хорор жанр во златните времиња на Холивуд. Повеќето што глумеле во слични филмови или го правеле тоа на почетокот или на залезот на својата кариера. Не знам најсигурно што било со нивните кариери понатаму, но филмов е задолжителна лектира.
Alien - Првокласен спој на sf и хорор. И по толку години заслужува да се изгледа. Првпат, вторпат...
Exorcist I, III - Вториот дел беше големо промашување (за мене втор дел е Егзорцист 3), но затоа пак оригиналниот филм е совршено осмислен и снимен. Немам никакви забелешки, ни за 1 ни за 3 дел.
The Passion of the Chist - Гибсон дава свое видување за последните денови на Христос. Снименото е реално до болка. И пак, низ сите крвишта и изживувања, успева да провлече и друга поента. Повеќеслојно остварување. Актерите ги говорат оние јазици, за кои се претпоставува дека ги говореле новозаветните протагонисти.
Jesus of Nazareth - Безброј познати холивудски фаци, како во ниеден друг филм (колку што ми е познато). Солидно спакувана приказна за Исус, која е верна на евангелијата, а не е досадна.
Halloween - Нема пострашен психо од Мајкл Маерс. Ни Џејсон (кој е бледа, натприродна копија) ни Фреди (добри се филмовите, ама искрено, никогаш премногу не бев исплашен од нив). Морничавоста на филмот е засилена со недоречената приказна за Мајкл, за потеклото на злото, за тоа што се случува зад маската, која и сама по себе е застрашувачка.
The Thing - Слично како во и Alien, и овде имаме микс на научна фантастика и хорор. Со поинаков монструм и во поинакво опкружување. Ремек дело.