Холивуд сака да снима филмови кај нас
Американската компанија „Ну имиџ“, која пред шест години во Бугарија го отвори едно од најголемите филмски студија во Европа - „Ну Бојана“, се интересира за снимање филмови и кај нас и можеби да отвори и филмско студио
Најголемата филмска индустрија во светот ја „пикираше“ нашата земја како можна дестинација за снимање високобуџетни филмови. Американската филмска компанија „Ну имиџ“, која пред шест години во Бугарија го отвори едно од најголемите филмски студија во Европа - „Ну Бојана“, се интересира за снимање филмови и кај нас и можеби да отвори и филмско студио. Претставници од „Ну имиџ“ во минатата недела беа во Македонија за да ги испитаат условите на пазарот, но пред се' даночните поволности што ги нудиме.
Директорот на Филмскиот фонд, Дарко Башевски, вели дека компанијата „Ну имиџ“ е заинтересирана за разгранување на дејноста и во друга земја на Балканот, но под услов да понудиме поволни даночни олеснувања.
- За некој да влезе да снима и да продуцира кај нас е важно Владата да направи чекори за даночни олеснувања, особено бидејќи филмот како производ го изнесуваат надвор од земјава - вели Башевски.
Слевање на свеж капитал
Токму пониските даночни стапки се еден од главните адути на „Ну Бојана“ за привлекување продуценти. Во нивното портфолио стои дека нудат особено ниски цени за производство на филмови, за 30 отсто пониски од трошоците во Централна Европа и значително пониски од оние во Соединетите Американски Држави и Јужна Африка, загарантирана наплата на данокот на додадената вредност, предности во однос на бугарските даночни параметри и даночен кредитен режим, фиксна стапка од 10 отсто за личен и корпоративен данок, што е најниска во Европа, а со нов закон што ќе стапи во сила во септември се очекуваат локални даночни стимулации и намалувања до 30 отсто.
- Се рекламираме како една од најевтините земји и сега имаме шанса да земеме дел од филмскиот колач од Бугарија, каде што годишно се трошат од 120 до 160 милиони евра на странски продукции. Од американското студио преговараат и со други земји на Балканов како Србија и важно е да ги испревариме со тоа што ќе воведеме даночни олеснувања што поскоро. Колку побрзо се реагира, толку побрзо ќе стигнат продуцентите - вели Башевски.
Според првиот човек на Фондот, ова е одлична шанса за слевање свеж капитал во земјава, многу поголем од другите инвестиции, а данокот од филмовите останува во државата.
- Педесет до 75 отсто од буџетот на филмот се трошат на снимање, а снимањата ќе се случуваат кај нас. Ова е можност за вработување на голем број луѓе. Пример, лани во Бугарија на еден филм работеа 650 луѓе. Државата не губи пари, бидејќи парите од данокот си ги враќа и во земјава останува свеж капитал. Филмовите се снимаат два-три месеци и за тој краток период се слеваат многу готови пари. Така, со дебитантскиот филм „Како да ме нема“, копродукција меѓу Ирска и Македонија, во нашата земја беа потрошени 900 илјади евра. На филмот работеа само осум луѓе од Ирска, а останатите беа од кај нас - рече Башевски.
Башевски додаде дека пред два месеца, кога се донесуваше Законот за спонзорства и донации, Фондот предложил да се донесе закон за даночни олеснувања, односно ослободувања за инвестиции во културата и посебен закон за даночни олеснувања во филм.
- Следен чекор за законот се истражувања и пресметки колку би можела државата да си дозволи даночни олеснувања. Во Бугарија, Романија и во Унгарија се снимаат најмногу филмови, а сите земји се членки на Европската Унија. Во Унгарија има даночни олеснувања до 50 отсто ако се снима во неразвиени подрачја, во Чешка во февруари донесоа сличен закон откако во последните пет години ги изгубија сите продукции. Сега е нашиот момент - вели Башевски.
Филмови од 2 до 50 милиони евра
Студиото „Ну Бојана“, кое е лоцирано во близина на Софија, во овие шест години постоење има продуцирано 170 филмови, вклучувајќи и високобуџетни филмови како „Црната далија“ и „Конан“. Студиото годишно продуцира 25 филмови и работи сервис за продукција на американски и странски филмови што се снимаат во регионот. Буџетот на филмовите изнесува од 2 до 50 милиони евра. Студиото е целосно опремено, со повеќе филмски сетови како среден век, историски сет, рурални, урбани, индустриски и природни сетови. Меѓу другото, во рамките на студиото работат и водечките студија за специјални ефекти како „Кодак синелабс“ и Worldwide FX.
„Ну Бојана“ пред неколку месеци заврши со снимање на високобуџетниот филм „Конан“, со Џејсон Момоа и Стефан Ланг во главните улоги, кој се снимаше во и околу Варна. За филмот беа потрошени 26 милиони евра. Во овој месец во тек е снимањето на „Кејн и Линч“. Филмот е во режија на Сајмон Крејн, а во главните улоги се Брус Вилис и Џејми Фокс. Есенва треба да почне да се снима „Рамбо 5: Сурова потера“, последниот од серијалот „Рамбо“ со Силвестер Сталоне во главната улога, кој е и режисер на филмот. Сталоне пред извесно време ја посети Софија и се состана со директорот на „Ну Бојана“, Давид Варод и премиерот Бојко Борисов, при што се воодушеви од условите во студиото.
Компанијата е наследник на „Бојана филм“, која беше во државна сопственост.
Американската компанија „Ну имиџ“ е основана во 1992 година во Лос Анџелес. Компанијата дава целосни услуги за производство и дистрибуција на филмови на домашниот и меѓународниот пазар. Тие нудат широк спектар филмови, но најголем дел отпаѓа на жанровите акција и трилер и продуцираат голем дел од содржините што ги нудат. Во 1996 година „Ну имиџ“ го формира „Милениум филмс“ за решавање на растечката потреба. Во заедничка продукција, од 1992 година до денес, се продуцирани повеќе од 100 филмови.
„Ну имиџ“ и „Милениум филмс“ произведуваат повеќе од 20 филмови годишно. Моментално, многу од нивните наслови се на врвот на топ-листите. Во нивното филмско портфолио се филмови како „Лошиот поручник: Њу Орлеанс“ од Вернер Херцог со Николас Кејџ во главната улога, „Оправдани убиства“ со Роберт де Ниро и Ал Пачино, „Црната далија“ на Брајан де Палма.
Извор:
Дневник