’Социјална мрежа’ - филм за Фејсбук или за најголемата кражба
Дејвид Финчер се врати! Еден од најталентираните автори во новиот Холивуд, креаторот на легендарните ’Seven’ и ’Fight Club’ после десет релативно сушни години повторно има фантастичен филм.Се работи за ’Социјална мрежа’, приказна за творецот на Фејсбук!
Марк Зукерберг денес е најмладиот милијардер на светот и најбогатиот човек во информатичката индустрија. Дека Зукергерг е компјутерски гениј и дека пред него стојат големи потфати, се знаело уште откако бил дете.
Меѓутоа, во неговите денови на Харвард Зукерберг бил обичен копук, желен за внимание (особено од страна на женскиот пол), неприфатен во социјалните односи и свесен дека околината, дури и во најелитниот американски универзитет, е интелектуално инфериорна.
’Не сакам пријатели’
Така барем го претставија Финчер и неговиот сценарист Арон Соркин. Првата сцена во Social Network е најдобрата реклама за виртуозноста на Финчер и Соркин - дијалогот меѓу Зукерберг и неговата девојка е напишан и изрежиран совршено. „Не сакам пријатели“ е една од речениците кои ги изговара Зукерберг и е одличен пример за иронијата која Финчер ја проткајува низ целиот филм.
Човекот кој го измисли фејсбук не сака пријатели? Човекот со 500 милиони пријатели, барем виртуелни, не е заинтересиран за другарување? Зукерберг каков што го претставуваат Финчер и Соркин е заинтересиран исклучиво за личната корист. Зукерберг од Social Network нема да се двоуми дали да ја украде идејата на која ја гради својата бизнис империја, ниту за тоа дали на најдобриот пријател и ко-основачот на фејсбук Едуардо Саверин да му забие нож в грб и да го исфрли од компанијата.
Зукерберг не е негативец
Колку е Social Network вистинита приказна и дали е Зукерберг навистина таков гад („Ти не си копук. Само силно се трудиш да бидеш“, во еден момент ќе му рече неговата адвокатка) се прашањата околу кои пред премиерата интернет заедницата е поделена. Но, откако ќе се погледне филмот ќе се сфати дека тоа и не е воопшто важно. Social Network е најавен како дело во кое творецот на Фејсбук е прикажан како Сатаната лично. Тоа не е вистина, пишуваат оние кои го погледнале филмот.
Марк Зукерберг во филмот е слика и прилика на речиси секој успешен бизнисмен. Некои негови потези не секогаш се на моралната страна на компасот, но тоа не го прави негативец.
Впрочем, невозможно е да не се воочи иронијата на приказната за создавање на фејсбук. Најпопуларната социјална мрежа во светот, според филмот на Финчер, ја направи еден тотален антисоцијален тип.
Марк Зукерберг не е нималку омилен во својот кампус. Токму спротивното. Па, во своето настојување околината да го прифати, ги натера сите нив да му се прилагодат нему. Создаде реален свет во виртуелно опкружување, покажувајќи дека фактички ја разбира динамиката на социјалните односи многу подобро од ’популарните’ клинци кои го игнорираат. И кои денес не може да живеат без неговиот изум. Поради тоа, според критичарите, Social Network има силен потенцијал да биде филм на годината.
Светската премиера на филмот е денес.
http://www.taratur.com/node/18024