Давитков: Ќе ги освоиме двете титули!
Онака како што беше најавено, Јорданчо Давитков седна на испразнетото тренерско место во екипата на Струмица.
Со тоа и дефинитивно се решени дилемите околу наследникот на Јовица Арсиќ, кој со "зелено-белите" помина нецели четири месеци.
Поранешниот тренер на Фершпед Работнички, доаѓа во оваа кошаркарска средина по третпат во својата тренерска кариера откако со Поло трејд и Неметали Огражден не успеа во своите желби. На вчерашната промоција подвлече дека неговото трето доаѓање ќе биде успешно, т.е. дека ќе бидат освоени и титулата и пехарот во Купот на Македонија.
"Со оваа екипа, која е особено квалитетна, ќе успееме да стигнеме до двете круни. Тое е впрочем моја желба бидејќи каде и да сум работел сум се стремел кон високи дострели, да ја освојам шампионската и куп-титулата, така ќе биде и овде. Струмица поседува квалитет, а тука се и цврстите амбиции на управата на клубот за повторување и подобрување на ланските успеси"- беше првата изјава на Давитков по преземањето на одговорната функција кај шампионот.
Иако лани публиката во струмички "Парк" имаше свое посебно "мислење" за тогашниот тренер на Фершпед Работнички, Давитков подвлекува дека по природа е човек-тренер кој не трпи порази и верува дека со својот ангажман и публиката, која во Струмица е шести играч на тимот, ќе ги повторат ланските успеси.
Новиот шеф на стручниот штаб не сакаше да ги открие другите детали од договорот, дека за него парите не биле важни, туку пред с$ амбициите на клубот.
"Во овој период додека бев без ангажман, добив понуди, можеби и подобри од оваа. Но не сум човек кој се залетува по парите. За мене многу побитни се амбициите на клубот и играчкиот состав кој го поседува. Реков, Струмица има квалитетен тим, а раководството сериозни амбиции за високи дострели и во оваа сезона. Тоа беа двете најголеми причини поради кои дојдоа третпат во Струмица"- беше категоричен новиот тренер на "зелено-белите".
Од раководството на клубот ги демантираа сите информации поврзани со актуелната финансиска состојба на клубот.
Спортскиот директор, Миле Милановиќ, кажа дека со мало задоцнување кошаркарите биле редовно исплаќани и дека нема простор за паника.
Милановиќ истакна дека со доаѓањето на Давитков имало најави и за влез на други спонзори. Милановиќ немаше одговор дали со доаѓањето на Давитков ќе има резови во екипата, односно дека таа "привилегија" ќе му ја препуштат на стручниот штаб сега предводен од Јорданчо Давитков, но по завршувањето на првиот дел од шампионатот.
Токму стручниот штаб треба да донесе одлука што во моментов му е потребно на тимот за остварување на потцртаните цели, кои според Давитков се граничат со потврдување на доминацијата во македонската кошарка.
Еве сега за сите тие што мислаа дека Струмица ке се распадне се многу грешка. Читајте горе пишува дека со доаѓањето на Давитков можни се и доаѓања на нови спонзори, а не како што пишевте дека спонзорите ке се откажаат од Струмица.
Епа нека пукнат душманите.