ДАРКО СОКОЛОВ И СОИГРАЧИТЕ САКААТ ДА СТАВАТ КРАЈ НА ПОРАЗИТЕЛНАТА СЕРИЈА НА ИГРИ И РЕЗУТАТИ
Мора да добиеме...
"Ќе се бориме затоа што се чини дека квалитетот кој го поседуваме не е доволен за целосен успех"- коментира еден од носителите на играта на Струмица.
Два порази, тоа е вистинска реткост. Два по ред, тоа е веќе опасно за плановите на актуелниот бранител на титулата во нашата кошарка.
Да, Струмица има таков ефект, пред дербито на 16. коло во кое следува реприза на ланското финале.
Во струмички "Парк" доаѓа Фершпед Работнички.
Се чини во најлош можен момент. Кога екипата игра под своите можности, кога клубот го промени првиот тренер, и по два "врзани порази" (Фени Индустри и МЗТ Скопје), кои ги спуштија на земја "зелено-белите" до таа мера што почнуваат да се грижат за своите реални можности како тим.
"Излегува дека не победува само квалитетот. Не ни останува ништо друго освен да го дадеме максимумот, да се бориме до крај, ќе се фрламе за секоја топка. Веројатно тоа е рецептот за успех, нема друго"- констатира Дарко Соколов.
Со посебно внимание се очекува дебито на Јорданчо Давитков на клупата на Струмица. И тоа токму против тимот на својот "живот", Фершпед Работнички.
"Наше е да играме" - дополнува Соколов."Кога не оди нешто, се прават промени. Да се надеваме дека ќе бидеме подобри, во секој поглед, и дека овие порази ќе ги оставиме зад себе уште по овој натпревар со Фершпед Работнички, кој и во оваа сезона покажува дека не смее да се отпише. Ќе биде лошо за нас ако сметаме дека ќе биде лесно. А и не сме во таква ситуација. Сепак, и покрај сe што нe снајде во последно време, се надевам на успех"- заклучува младиот бек и еден од оние од кои се очекува најмногу во овој дуел.
Симиќ: Честитки за Давитков, победа за нас!
Докузовски против Давитков, Мираковски против "своите" струмичани.
Голем број поврзани работи се или ќе бидат дел од вечерашното ТВ дерби (18.15 часот) во Струмица.
Во струмички "Парк" доаѓа Фершпед Работнички во уште една, втора реприза на ланското издание на плеј-офот.
Секако со многу променети улоги, и тоа на двете страни. Од тренерските, па с$ до играчките, секако.
За разлика од лани, на клупата на "Шпедитерите" е Марин Докузовски, а диригент на играта Димитар Мираковски.
Од "старите сили", Фершпед Работнички ги има Симиќ-Веселиновски-Стојановски-Трајковски, кои со Мираковски, Зивчевиќ и Филиповиќ, овој пат ќе треба да ја оправдаат улогата на најтрофеен македонски клуб, и тоа против актуелниот шампион, една од ретките екипи кои можат да се пофалат дека во една сезона биле подобри од екипата од " Градски парк".
Посебно интересно ќе биде да се види како ќе функционираат оние играчи кои до лани беа под "команда" на Јорданчо Давиков, кој во оваа пригода ќе биде на спротивната страна од теренот, во улога на прв тренер на Струмица.
"Тоа си е нивна работа, ние си ја гледаме нашата" - коментира Тони Симиќ. "Можеби некој ќе каже дека Давитков доволно добро ги познава нашите квалитети. Но, ова е една друга екипа на Фершпед Работнички, која и во ова првенство знае што сака и сака да го реализира тоа што го сака".
Сепак, нема да биде лесно, особено што зад струмичани се веќе два "споени порази"?
"Којзнае можеби тоа ќе биде добро за нас. Пред натпреварот ќе се поздравиме со нашиот поранешен тренер, ќе му честитаме за изборот, а потоа забораваме с$. Во тие 40 минути сакаме да ги победиме, струмичани да ја продолжат кризата на резултати и по овој дуел, а ние да дојдеме во резултатски егал со нив. Тоа се нашите посакувања пред ова дерби кое го дочекуваме во добра форма која ја прикажавме и во средбата со Свисслион Пелистер, кој, искрено, го победивме полесно од очекувањата"- вели Симиќ.
www.sport.com.mk