По одигрувањето на претпоследното коло во Космофон суперлигата, познати се имињата на четирите екипи што ќе учествуваат во плејофот, но последната рунда, која е закажана за утре и задутре, треба да го определи редоследот со кој ќе се почне во разигрувањето. Резултатите од 9. суперлигашко коло му одговараа на шампионот Фершпед Работнички, кој сега со евентуална победа на гостувањето во Струмица в четврток, не само што ќе го симне лидерот кој од почетокот на првенството е на првата позиција, туку ќе има и предност од 1-0 во победи во нивна евентуална пресметка во финалето на плејофот. Струмичани првото место и предноста на домашниот терен во плејофот ќе го обезбедат само со триумф над „шпедитерите“ во супердербито. Струмица е прва со 45 бода, а Ф. Работнички е втор со 44.
Неизвесност постои и за 3. место. Вардар О. ја има „пол-позицијата“, бидејќи за 50 поени има подобра кош разлика од Свислајон Пелистер (во меѓусебните дуели резултатот е 2-2). Вардарци во последното коло утре го пречекуваат последниот Фени И. и со победа ќе бидат трети. Пелистерци му се домаќини на „отпишаниот“ МЗТ и мора да го совладаат, но ќе чекаат и кикс на „црвено-црните“ во дуелот со кавадарчани. Вардарци и битолчани имаат по 40 бода.
Полуфиналето на плејофот се игра до три добиени средби, а почнува на 21 април.
С. Пелистер е во најтешка ситуација од учесниците во плејофот, бидејќи против кого и да игра во полуфиналето, ќе почне со негатива од 0-1 во победи, и плус тоа ќе гостува на првиот меч.
Битолчани сезонава имаат 1-3 и против потенцијалните ривали Ф. Работнички и Струмица. Вардарци, пак, нема да почнат со негатива. Против двата тима имаат 2-2 во победи, но за пласман во финалето ќе мора да слават барем еднаш на гости во скопскиот или во струмичкиот парк. Интересно е што Вардар О. во Суперлигата двапати ја порази Струмица, а со Ф. Работнички во овој дел има 1-1, но триумфот беше изразен со 26 поени разлика.