Металург ја засили бековската линија
Козлина, Марковиќ и Батиновиќ потпишаа на две години за ракометниот првак на Македонија
Словенецот Миладин Козлина, Црногорецот Жарко Марковиќ и Хрватот Дамир Батиновиќ во следните две години ќе настапуваат за македонскиот ракометен првак Металург. Левиот бек Козлина дојде од Гепинген, средниот бек Марковиќ од катарски Ал Ахли, а Батиновиќ, кој игра на позициите среден и лев бек, ги бранеше боите на Марибор. Првиот ќе го носи дресот со број 10, вториот со број 7, а третиот со број 23.
„Ростерот не се затвора тука. Можно е да доведеме уште едно до две засилувања до почетокот на новата сезона“, изјави директорот на клубот од Автокоманда, Левче Китевски, на вчерашното претставување на новите играчи. „Градиме тим со амбиции да ги помине квалификациите, а потоа и групата во Лигата на шампионите, за што ждрепката ни дава големи шанси. Во Регионалната лига успех ќе биде пласман на фајнал-фор, а во Македонија двојната круна“.
„Многу сум среќен што сум дел од еден голем проект, од тоа што ќе работам со голем тренер, како и од имињата на соиграчите. Одвај чекам да почнеме да тренираме и да победуваме“, порача Козлина. Марковиќ во сличен стил: „Мислам дека направив вистински избор. Слушнав се' најубаво за градот и за клубот . Голема чест е да се соработува со Лино Червар, како и со Ракчевиќ, голем борец и најдобар играч во црногорската репрезентација“.
Покрај со тројцата странци, начелно е договорено продолжување на соработката за уште една година со ветеранот Стевче Алушовски. Со тоа Металург останува на идејата да се потпира на македонски играчи, бидејќи сега има четворица интернационалци и 17 домашни ракометари.
Своите меѓународни натпревари тимот ќе ги игра во салата „Борис Трајковски“, освен ако општина Гази Баба му дозволи проширување на салата за да достигне капацитет од 2.000 гледачи. Во новата сезона ќе се влезе со нова опрема од „Кемпа“, со која за десетина дена ќе се потпише тригодишен договор.
Стартот на подготовките е закажан за 20 јули во Скопје, а на 4 август се заминува во старата база во Словенија. Од 16 август Металург ќе игра на ТВ-турнирот на шампионите во Добој, по што екипата се враќа во Македонија и оттука ќе отпатува за Израел на квалификацискиот турнир за ЛШ што ќе се одигра на 3 и 4 септември.
извор:Утрински Весник