Во изминатиов период, откако се стабилизира состојбата во ракометниот клуб Вардар, низа голмански имиња се споменуваа како опција како замена за Дејан Милосављев кој од следната година ќе брани во Фуксе Берлин.
Австрискиот репрезентативец со балкански корени, Никола Портнер беше првиот кој се поврзуваше со Вардар, а потоа се шпекулираше дека младиот српски голман на Металопластика, Тодор Јандриќ ќе го замени Милосављев.
Сепак, иако имало начелни преговори, Металопластика за него барала енормна сума од над 150.000 евра, па ваквиот трансфер пропаднал.
Во овој момент, најизгледна опција за голот на вардарци е 26 годишниот Филип Ивиќ од Келце кој е редовен хрватски репрезентативец. Наводно и голманот изразил желба да се пресели во Скопје, па во следниот период останува да се договорат сите детали околу неговиот премин во „Јане Сандански“.
Од позадина, шанса за трансфер во Скопје ќе чека репрезентативниот голман на Летонија, Артур Кугис. 26 годишниот голман во моментов брани во Бундеслига 2, второто по ранг натпреварување во Германија, во редовите на Гросвалштад.
Кугис во Вардар би пристигнал по препорака на Даинис Криштопанс, но засега прв пик на управата останува Филип Ивиќ.
Едно е сигурно, алжирскиот репрезентативец Калифа Гедбане ќе остане во Вардар, па и следната сезона ќе биде резервна опција во европскиот шампион.