Шампионот фуриозно низ Градскиот Парк
Само во првиот период Торус водеше, а потоа се дојде на свое место
Актуелниот шампион во домашното кошаркарско првенство Фени Индустри се врати на местото на злосторот, Градски Парк. Во петтото коло од Првата лига тимот од Кавадарци славеше на гости кај новодојденецот во елитата Торус со 62:90 (20:16, 11:24, 14:24 и 17:26).
На стартот од натпреварот шампионот беше изненаден од ефикасноста на играчите на Торус, кои успеаја да направат десет поени предност во шестата минута (14:4). Меѓутоа, Фени индустри со пресинг игра кон крајот на првиот дел ја намали разликата на само четири, а на почетокот на вториот период го презеде водството (20:21) и не го загуби до крајот на натпреварот.
- Додека имавме свежина одлично му париравме на противникот. Но, неговата подолга клупа, избор на играчи го стори своето, се адаптира на нашата игра и на крајот заслужено победи. И покрај поразот задоволен сум од учинокот на кошаркарите, вели тренерот на Торус Саше Тодоровски.
Најефикасен на натпреварот беше Златко Гоцевски со 22 поени, а со двоцифрен број на поени во редовите на кавадарчани, мечот го завршија уште тројца кошаркари: Браун 16, Михајловски 12 и Чековски 10, а кај домаќините Конзулов (19), Штерјов (16) и Стојановски (12).