Случајот Победа со нови "жртви"!?
* Фудбалери кои давале лажни изјави заедно со фудбалскиот врв на ФФМ се на удар на Дисциплинската комисија на УЕФА поради учество и нарушување на истрагата за познатата местенка од 2004 година
Доаѓа пресудниот ден за Победа и одлуката на второстепената комисија на внатрешната контрола на УЕФА која утре во Нион ќе се произнесе по жалбата на прилепчани кои на 17 април беа обвинети за местење на квалификацискиот дуел од Лигата на шампионите со Пјуник во 2004 година. Победа заработи суспензија од 8 сезони без настап на евро-сцената, додека Александар Забрчанец -Ацуле и Николче Здравески заработија доживотни суспензии за работа во фудбалот. Ригорозните мерки може да бидат уште пофатални за македонскиот фудбал и за сите оние кои биле инволвирани во споменатиот скандал и местењето на натпреварот за финансиска добивка од обложувалниците.
Поради лошата стратегија, поради незнаењето и поради слушањето совети на луѓето од фудбалскиот врв, Победа речиси е без шанси да се спаси од најлошото. Поради несериозноста и реакциите на ФФМ се случуваат ваквите санкции кои претставуват вистинска хаварија за ФК Победа.
Случајот околу местенката "Пјуник" ќе се прошири. Ќе има нови "жртви". На листата има 5 фудбалери (играле против Пјуник), кои давале нотарски изјави за кои обвинителите на УЕФА ќе констатираат дека се лажни. Сите тие кои давале такви изјави се соочуваат со ригорозни казни и со отстранување од фудбалот. Тоа е доволен сигнал дека УЕФА има цврсти докази околу тоа дека натпреварот е наместен и дека лажгите на Хаџи-Ристески придонесоа целиот овој скандал да се прошири.
По нашите најави за сериозноста на случајот ФФМ низ медиумите пласираше невистини и лаги за кои подоцна се докажа дека биле пресудни околу можноста Победа да се спаси од тоа што го доби од УЕФА.
А ќе се прошири истрагата и кон функционери од самиот фудбалски врв. И тие се на удар од внатрешната контрола на УЕФА која ќе покрене нови обвиненија околу оваа местенка од 2004 година, но и за нарушување на комплетната истрага со потези кои одат против работата на внатрешната контрола. Како што дознавме ФФМ не успеа да се спаси ни по операцијата "Истанбул" и мисијата на генералниот секретар Никола Костов, кој беше сам пуштен да бара компромиси со луѓе од УЕФА на финалето од Купот на УЕФА. Се врати со наведната глава и со лоши вести за Хаџи-Ристески.
И што е најтрагично. Обвинетите не се фокусираат на главниот проблем и со вистината. ФФМ за сето ова и за своите глупости и директите конекции со скандалот ќе ги обвинува медиумите, ќе носи примероци од "Македонски спорт" кај обвинителите и ќе се правда дека ова е изборна година и дека некој сака со овој скандал да го сруши Хаџи-Ристески. Каква глупост, каква глупост...
Поради тоа што не знаат и поради тоа што немаат врска како да се бранат сите кои се вмешани во сето ова од ден на ден с$ повеќе се дават со што сега има барем уште 10 личности кои ќе беа надвор од сето ова доколку не беше погрешната стратегија при одбраната на ФК Победа и мешањето на ФФМ во овој скандал. Само колку за информација дека по обелоденувањето на санкциите внатрешната контрола на УЕФА не застанала со истрагата. Има нови докази, нови сведоци и нови потенцијални жртви.
И. Д. Ивановски
Победа без странски адвокати
Симон Симоновски (член на Надзорен одбор во ФФМ), зетот на Александар Забрчанец - Ацуле, ќе биде единствениот бранител на Победа кај второстепената комисија на УЕФА. Нема странски експерти. Нема, а беа толку бомбастично најавувани. Зошто нема!? Дознавме дека Победа имала контакти со експерти кои биле запознаени со овој скандал кој е прв во истиоријата на фудбалот и УЕФА. Секој што го видел случајот кренал раце. И како не кога доказите се цврсти а санкциите ригорозни. Тоа е првата причина поради која странски адвокати нема да ја бранат Победа. Втората причина е фактот дека клубот нема доволно пари да го плати сето тоа. И затоа утре ќе гледаме спасувај се кој може и како може иако за сето тоа е веќе премногу доцна.