Митев: Цел на Вардар е излез во Европа
Вардар отсега ќе има нов имиџ и сакаме да почнеме коректно да работиме, без матни зделки и неисполнети ветувања кон фудбалерите како во минатото, вели новиот спортски директор на Вардар, Горан Митев
Сите фудбалери што ќе играат во Вардар ќе бидат пријавени, нема да има „црни пари“ и нерасчистени сметки. Нема да работиме како порано, кога едно им се ветуваше на играчите, а друго се исполнуваше - тврди Митев, кого управата го назначи на функцијата спортски директор минатиот петок.
Вардарци во саботата ја имаа и првата прозивка, но само со играчите што останаа во клубот по егзодусот што се случи на крајот на сезоната, со заминувањето на спонзорот Слободан Вујчиќ.
- Многу сме слаби кадровски, а време воопшто нема. Во од ќе се екипираме, но сето тоа тешко оди. Сепак, нашата цел за идната сезона е излез во Европа. Нема да биде грев ако Вардар не освои титула во првенството или во купот, но сакаме по секоја цена да играме во Европа - категоричен е Митев.
За оваа цел Вардар веќе најави неколку засилувања со поранешни македонски репрезентативци и интернационалци, а засега е разговарано само со напаѓачот Александар Бајевски. Во план е и разговор со Александар Васоски, но Филип Деспотовски отпаѓа од игра.
- Бајевски ги кажа своите услови и сега ние сме на потег. Ќе разговараме со Васоски кога ќе дојде во Македонија, а јас лично зборував и со Деспотовски, кој ми рече дека го продолжил договорот со Интер Баку од Азербејџан. Тој потврди дека кога ќе заврши со својата интернационална кариера, единствен клуб за кој ќе игра е Вардар. Околу плановите со новите играчи денеска ќе имаме состанок со луѓето од градот Скопје, а сé ќе биде објавено на прес-конференција утре или задутре - објаснува Митев.
Тој потврдува дека на проба во Вардар ќе дојдат и неколку странци од Србија и од БиХ, а се преговара и со репрезентативец на Габон. „Црвено-црните“ на 5 јули заминуваат на подготовки на Златибор (Србија), каде што ќе одиграат неколку контролни средби, а и ќе ги тестираат новите кандидати за вардаровиот дрес.
извор:Нова Македонија