„ЕВРОПСКИОТ“ ВАРДАР
Навивачите на Вардар ќе паметат и цела сезона ќе раскажуваат дека ја наполниле арената „Филип Втори“. И толку... Бате Борисов го имаа в џеб на првиот меч, ама тренерот Илчо Ѓорѓиоски веројатно не им кажа дека не треба да се паничат во последните моменти, да не се повлекуваат во својот шеснаесетник. Тоа е... Го заборавил ова во своето излагање, затоа што човекот има и други обврски. На полувреме од натпреварите (и на летните подготовки) веројатно ја подготвуваше својата програма за работа како претседател на ФФМ. Одвреме – навреме, беше и до Владата на консултации. Да му објаснат, нели, како сите други ќе се повлечат, а тој ќе седне на фотелјата. Заслужи, затоа што со Вардар го наполни најголемиот стадион, за кој трипати се сечеше лента дека се отвора.
Илчо Ѓорѓиоски е веќе „печен“ за претседател на ФФМ. Дава и политички изјави. Вардар е европски, ама му недостига искуство за Европа. Ако продолжи во ваков стил, само ќе го замени Харалампие Хаџи-Ристески во неговото веќе добро изверзирано сценарио. Едно ќе и кажеш на спортската јавност, а друго ќе си правиш...
Еве сега за Илчо, а и за сите што мислат дека овој Вардар е „европски“, како тоа функционира најтрофејниот клуб. Да нема дилеми, не се ова најцрните денови на Вардар. Беше на дното, го извлекоа со фузија, ниту срам, ниту перде. Ама далеку е Европа, не се гледа од тренерската соблекувална на Ѓорѓиоски каде што прават прес – конференции. Се соблекуваат на Градски (арената Филип втори), а потоа со автобус на ЈСП ги носат во Ѓорче Петров. Зошто? Затоа што нема помошни терени. Нема ниту канцеларии на клубот, барем тука на стадионот, каде што треба да бидат. Имало некои во МТВ, ама таму се вадат пасоши, лични карти, нагоре по катовите има и Комисија за лустрација...Не му е таму местото на ФК Вардар.
Дојдовме до раководството. Патрон е градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски. Претседател на ФК Вардар е Зоран Шишковски, а човекот цел живот е кошаркарски работник. И не знае како изгледа Зоран Мамиќ, еден од двајцата водечки луѓе во Динамо Загреб. Којзнае дали ги знае Платини, Бекенбауер, сер Алекс Фергусон... Извршен директор е Горан Митев. Тој на почетокот доаѓаше со дрес на Барселона на тренинг на Вардар. Работа му е да ги потпише вирманите за плата, да ги распредели парите што доаѓаат од Градот Скопје и да вели дека толку се парите... Навистина е тоа тешка работа, нели. Инаку, е познат спортски работник во државава, па го има задолжено Вардар во минатото со своите игри, настапи, сигурно има околу 500, тука некаде до легендарниот Кочо Димитровски. Секретар на клубот – Никола Коко Стојановски. Момчето не знае дека на меѓународен пријателски натпревар во Софија, со ЦСКА, треба да се направи записник за мечот. За вакво раководство, толку... Доволно е, за да имате јасна слика.
Дојдовме и до тимот. Засилувањата за кои Илчо Ѓорѓиоски се изјасни дека го градат „европскиот“ Вардар. Дека тој ги поставил темелите. Темелков дојде од Силекс, а европски мечеви досега гледаше само на ТВ екраните. Хорхе Хименез е шпански фудбалер, кој замислете, дојде на печалба во Македонија. Сигурно е многу квалитетен. Дојде по препорака на Горан Станиќ, а на стадионот слушнав коментар дека можеби некогаш заедно играле „сервис“. За фудбал, Хорхе не покажа дека го бива. Тука е и Нигериецот Абрахам Алечену кој не го играше реваншот со Бате Борисов, затоа што немаше влезна виза за Македонија. Невидена работа...А, да, дојде и Борче Маневски, напаѓачот што не можеше да помине на проба во десетина клубови во Азербејџан и во Казахстан, а откако му рекоа дека не можат да го плаќаат во Работнички, дојде во Вардар. Слично е и со Драган Ѓоргиев. Момчето е талентирано за нашата лига, ама беше во Мајнц, не одигра ниту еден меч, го пратија во Втора Бундес-лига, и таму не одигра ниту еден меч и го вратија рикверц во Турново. И најлошо од се - Вардар го продаде својoт најдобар играч од минатата сезона, капитенот Филип Ивановски, кој даде 24 гола и им освои многу, многу бодови. И тоа - во Казахстан!!!
Што е тука европски?!
Дел од колумната на Никола Ѓуровски од Екипа.мк