"Ништо не е сменето со голот кој го примивме во последните моменти. Ние, фудбалерите, и натаму остануваме единствени и во желбите по долго време да му донесеме куп финале на Вардар", вели Стјепановиќ "Црвено-црните" успеаја да извлечат победа на првиот натпревар од полуфиналето во Купот на Македонија, меѓутоа нивната комплетна радост изостана по несреќно примениот гол во последните минути од средбата во Струмица. Останува и натаму отворена варијантата кој од двата лути ривали во македонскиот фудбал ќе си обезбеди по долг период место во финалето, меѓутоа јасно им е сега и на "вардарци" дека ниту евентуалната предност од 2:0 апсолутно ништо не значи сама по себе доколку во ист ритам не се одигра и реванш средбата.
По сите случувања на стадионот "Младост" во Струмица, вистински оптимистички расположен е и еден од најдобрите вардарови фудбалери, Остоја Стјепановиќ, кој без премногу размислување потенцира:
"Јаки сме, ќе победиме и во Битола", вели Стјепановиќ. "Вардар си е Вардар, па без разлика на резултатот од првиот натпревар како и секогаш ние мора да одиме на триумф и на реванш средбата. И да имавме и поубедлива предност, факт е дека не може и не смее да има опуштање затоа што, сепак, се работи за полуфинале од Купот, и тоа против екипа со која 'негуваме' долгогодишен ривалитет".
Вардар седум години нема финале во Купот на Македонија. Сите "црвено-црни" навивачи, конечно, посакуваат да се најдат на 24 мај на својот "Градски". Голот на Миле Димов во 88. минута само е дополнителна пречка на тој пат, но сепак пречка која не мора ништо да значи.
"Штета што го примивме тој гол. Штета затоа што комплетно го надигравме противникот. Најмногу ми е жал за нашите навивачи, кои искрено н$ бодреа низ сите 90 минути. Меѓутоа, верувајте, ништо не е сменето со тоа. И без тој гол и со него нашиот однос на стадионот под 'Тумбе кафе' мора да е ист - победнички".
Очигледно по крајот на средбата постоеше мала нервоза меѓу фудбалерите за тоа каде е вината за деконцентрацијата во финишот и примениот гол од прекин.
"Вината е колективна. Се случи грешка и мора да го заборавиме тоа. Ние, фудбалерите, мора да останеме единствени како и досега. Имаме квалитет, и нема отстапување од нашиот пат по подолго време да му донесеме куп финале на Вардар", вели Стјепановиќ.