Тепаме време бе брат, тепаме време... Читај си, и свиркај си.. Иначе сакам да споделам еден текст со вас, кој можеби е офтопик, но сигурно ќе препознаете шо сакам да кажам со текстов !!
Во модерниот фудбал сè си има своја цена, па така и лојалноста кон еден клуб. Следејќи го фудбалот последниве години сè повеќе ми недостига кога клубовите ги препознававме по играчите. Кога некој ќе го споменеше Паоло Малдини на сите асоцијацијата ни беше Милан. Ретки се оние фудбалери кои во моментов би играле само за еден клуб во кариерата и можат да се избројат на прсти. Верувам дека Икер Касилјас е еден од нив, тука секако ќе ги вбројам и фудбалерите на Барселона, Пујол, Меси, Чави и Иниеста за кои верувам дека нема да ги сменат боите до крајот на кариерата. Фудбалерите од типот на Рајан Гигс, Алесандро дел Пиеро, Хавиер Заниети и Стивен Џерард се речиси изумрени видови.
Овој текст е мотивиран од вчерашната изјава на Весли Снајдер, кој вели: „Го сакам Интер со целото срце, но само господ знае каде е мојата иднина“. Холанѓанецот очигледно сака да каже дека ако ги смени клупските бои, навивачите на Интер треба да му се лутат на господ, а не на него. Очигледно милионите што ги нуди Манчестер Јунајтед немаат никаква врска со неговата одлука, туку сè е во божји раце. Смешно... Во фудбалот моментално принципите и вредностите се многу ниски, а единствено нешто што е важно е банкарската сметка и славата, што нормално си носи многу поволности, скапи автомобили, лесни девојки и друго. Една сезона го бакнуваат амблемот на клубот и се колнат во навивачите, а веќе следната година истото го прават во друг дрес и на друг амблем и пред други навивачи кои до лани биле нивни непријател. Земете го за пример Емануел Адебајор. Тогоанецот во дресот на Арсенал играше во животна форма. Беше еден од најдобрите голгетери во Англија, а со тоа и во Европа. Но, не можеше да ги одбие милионите на шеиците и прифати девет милиони евра годишна плата за да ја грее клупата на „Сити Граунд“. Сега со позајмицата во Реал увиде дека не е сè во парите и сега би играл на „Сантијаго Бернабеу“ и за плата од еден милион евра.
Верувам дека Гигс, Сколс, Малдини, Занети и останатите можеа да заработат многу повеќе ако направеа трансфер во друг клуб. Не дека и сега се сиромашни, но ќе имаа подебело конто. Франческо Тоти е пример за лојален фудбалер. Фантастичен фудбалер, кој се одлучи за просечност во Рома и само еден блесок во кариерата, а тоа шампионската титула во Серија А во 2001 година. Но, затоа тој засекогаш ќе биде „Императорот“ за навивачите на „римската волчица“. Ќе се пеат песни во негово име и години откако ќе ја заврши кариерата, нешто што останатите „платеници“ нема да го доживеат и почувствуваат. Реал Мадрид пред десетина години нудеше неверојатни суми, но никогаш не можеше да ја купи љубовта што ја имаше Тоти за својот клуб од детството. Капата долу за сите фудбалери кои ја ставаат играта и лојалноста пред парите!