Претседателот на Милан и поранешен премиер на Италија, Силвио Берлускони, ги терал проститутките со кои имал секс да носат дресови, па дури и маски со ликот на Роналдињо. Италија е во шок, сите знаеја за сексуалните излети на Берлускони, но сепак ги шокираше фактот дека тој се ’палел’ на бразилскиот фудбалер. На Апенините сега се поставува прашањето, дали тој доведува одредени играчи во тимот, затоа што му се допаѓаат?!
Одамна е познато дека Силвио Берлускони долго време лудува на своите „бунга - бунга“ забави, но нов момент излезе на виделина по сведочењето на манекенката Иман Фадил.
„Не тераше да носиме облека на калуѓерки, како и дресови и маски со ликот на Роналдињо. Само некои од девојките тоа го одбија, а поголемиот дел останавме за да земеме пари. На првата журка на која бев, Берлускони ми подари часовник, обетки и 2.000 евра. Рече дека знае во каква состојба се наоѓаат девојки како мене. Да одлучев да преспијам, ќе заработев уште пари, но се остана само на стриптиз кога бев јас во прашање“, изјави Иман Фадил на судското сведочење во истрагата против Силвио Берлускони.
На поранешниот италијански премиер му се суди под обвинение дека имал секс со мароканската менекенка Руби која во тој период била малолетна. Сепак, навивачите на Милан многу повеќе ќе се загрижат сега откако излезе на виделина скандалот дека Берлускони се ’палел’ на Роналдињо. Сигурно навивачите на Интер, Јувентус и на Рома долго време ќе фаќаат сеир.