Невладин сектор со партиски задачи
Автор: Мери Јордановска/Фросина Цветковска
Плакати со кои македонските граѓани се подучуваат да бидат горди што се Македонци деновиве никнаа преку ноќ по македонските улици. Насловот на плакатите е „Гордост“, а заклучокот е дека треба да бидеме горди со својата историја, со своите предци, со тоа што сме Македонци... затоа што, како што пишува на плакатите, „Филип бил Македонец“, „Александар бил Македонец“, исто како „свети Кирил и Методиј“, Крали Марко, гемиџиите, Гоце Делчев, Даме Груев...
Кој ги печател плакатите, од каде потекнуваат и, уште поважно, кој ги платил, останува енигма. На нив не пишува чии се идејата и реализацијата. Претпоставка е дека станува збор за уште едно здружение на граѓани, како едно од многуте што се појавуваат во последниот период, што има одредена идеја и цел, најчесто будење на свеста на граѓаните за одредено прашање.
Но, зад овие високи цели на дел македонски невладини организации, зад маската на т.н. здруженија на граѓани, всушност директно или индиректно се кријат парите, идеите и целите на политичките партии. За разлика од она што е вистински граѓански сектор, тие се појавуваат само во одредени периоди кога треба да се крене врева околу некое политичко прашање или да се замаскира и да се стави во втор план друго поважно прашање. Веднаш потоа ги снемува, ги забораваме. До следната слична ситуација кога на партијата ќе и биде неопходна граѓанска помош од партиски активисти. (честито, Македонското име е само политичко прашање која засега само една партија и токму името е сврзано со таа една партија, барем си кажавте ако не друго)!
КОЈ СЕ КРИЕ ЗАД „ОТПОРОТ КОН БЦ“
Да тргнеме од последната ситуација, кога Бранко Црвенковски од државниот трон седна во партискиот и беше избран за лидер на СДСМ. Дента новоформирано здружение од досега непознати невладини организации, кои за себе велат дека се жртви на транзицијата и владеењето на Црвенковски, одржаа мирен протест пред фабриката „Алумина“. Според нив, Црвенковски е виновен за сиромаштијата, корупцијата и за криминалните приватизации. Изјава даде Насо Барџиев од Здружението за отпор кон Бранко Црвенковски. - Ги повикуваме сите граѓани, без разлика на националната, верската и политичката припадност, да се приклучат кон отпорот. Не сакаме Црвенковски повторно да ја крои нашата иднина - рече тој.
Во исто време, десетина млади момчиња пред седиштето на СДСМ растураа стари обувки со што, како што рекоа, сакаа симболично да покажат отпор кон политичарите што досега владееле. И тие изјавија дека не се политички активни и дека се само млади луѓе од повеќе градови од земјава што спонтано се собрале. Новото здружение „Отпор кон БЦ“ своите ставови ги објави на веб-страницата њњњ.отпорконбц.орг.мк. Веднаш по протестите „Нова Македонија“ провери кој ја изработува оваа веб-страница. Произлезе дека нејзин автор е извесен Страхил Димитровски од фирмата „Теранет солуции“ ДООЕЛ Скопје, Друштво за компјутерски интелектуални услуги. На својата веб-страница оваа фирма се фали со повеќе проекти - тие се изработувачи на адресата „Заедно можеме повеќе“ (која ВМРО-ДПМНЕ ја отвори за последните локални избори), како и на кампањата „Абортус - не“! Случајно или не, истата фирма ги изработувала и веб-страниците на владејачката партија и на онаа за отпор кон Црвенковски. Неколку дена подоцна беше блокиран податокот за сопственикот на интернет-адресата. Во телефонскиот разговор Страхил Димитровски ни изјави дека не може да зборува додека не се консултира со некого за ова прашање.
- Еден мој пријател ме замоли да ја направам веб-страницата и јас само ја пријавив во „Марнет“, но не ја изработував. Навистина не знам кој ја нарачал, само ме прашаа колку би чинело тоа - ни рече Димитровски.
СДСМ минатата недела излезе на прес-конференција со податок дека платените огласи здружението „Отпор кон Црвенковски“ ги наплатувало преку извесно здружение „Јасна иднина“ од селото Небрегово преку сметка во Стопанска банка.
- Само една од повеќето закупени страници од ова здружение во печатените медиуми чини 900 евра, а само еден од нивните платени огласи во електронските медиуми, кој се емитува во ударен термин пред вестите, чини најмалку пет илјади евра - изјави партискиот портпарол Емилијан Станковиќ.
Од Централниот регистар на Македонија ги извадивме податоците за здружението „Јасна иднина“ за да видиме кој се крие зад оваа организација. Во документот пишува дека здружението е формирано лани во декември во прилепското село Небрегово. Улицата не се знае, затоа што во графата каде што треба да го пишува седиштето, во документот на регистарот стои - населено место без уличен систем, Небрегово, Долнени. Основач - Валентин Црвенкоски.
Залудни беа нашите напори да стапиме во контакт со основачот на здружението, од чија сметка се одлеале илјадници евра за платени огласи против лидерот на СДСМ. Кога го побаравме на телефонскиот број во селото, оттаму ни изјавија:
- Црвенкоски веќе не живее тука, се пресели во Прилеп.
Прашавме дали е тој сопственик на здружението „Јасна иднина“ и дали е активист на ВМРО-ДПМНЕ. - Да, здружението е негово, а така го крстија оти жена му се вика Јасна Црвенкоска. Инаку, познато е дека тој е од ВМРО-ДПМНЕ - ни рече единствениот човек во селото што се презива Црвенкоски, а неговиот број го има на информации.
Во Прилеп, во службата за информации, не е заведен број на име Валентин Црвенкоски. Но, поентата е јасна. Невладината организација не одвоила џабе илјадници евра за отпор кон опозицискиот лидер. За жал, ова не е единствениот пример на валкање на она што треба да значи случајно, неформално организирање на група граѓани што даваат отпор, поддршка или даваат став за одредено прашање.
ОД „ПРАВДА ЗА ПРАВЕДНИТЕ“ ОСТАНАА САМО КРИВИЧНИТЕ ПРИЈАВИ
Едно друго здружение на граѓани, она што се нарече „Правда за праведните“, пак, повеќе не постои. Од граѓаните што требаше да се борат против мерката притвор што ја доби поранешниот в.д. претседател на СДСМ и актуелен градоначалник на Струмица, Зоран Заев, останаа само две кривични пријави за фалсификување документи. Сопственикот на фирмата „Ин Медија“ П.С. и неговиот сограѓанин од Струмица М.К., според полицијата, минатото лето со фалсификат го регистрирале здружението за поддршка на Заев, со лажен печат и штембил. Овој фалсификат и бил доставен на струмичката полиција кога било побарано да се организира јавен собир за поддршка за струмичкиот градоначалник. Од т.н. здружение, освен кривичните пријави, остана само впечатокот за злоупотреба на невладините организации за политички цели. За доказот за мешањето на партиите во граѓанскиот сектор да биде појак, истовремено со „Правда за праведните“ беше формирана уште една невладина организација „Право и правна држава“, која организираше протести пред Собранието откако поранешниот претседател Црвенковски го аболицираше Заев. Пратеници од СДСМ тогаш беа децидни дека зад оваа невладина организација стојат вработени од Агенцијата за млади и спорт и дека оттаму биле одлеани пари за финансирање на активностите на организацијата.
И сето ова погоре е спротивно на членот 3 од Законот за здруженија на граѓани и фондации, кој забранува здруженијата да вршат политички активности или да го користат својот имот и средства за да остварат цели на политички партии.
ПРОТИВ СИТЕ ПРАВИЛА
Упатените во функционирањето на невладиниот сектор објаснуваат дека постојат неколку начини на кои партиите можат да ги финансираат своите организации. Невладините организации, доколку искористат поголема сума пари, обврзани се да го објават и донаторот. Најчесто и оние што обезбедуваат пари за проектите на граѓанскиот сектор, односно донаторите, кај нас се врзани со некои политички партии. Како пример за ова упатените ја посочуваат фондацијата „Институт отворено општество“, за која јавно се зборува дека поддржува проекти само на невладини организации блиски до опозицијата. Владејачката партија, сметаат нашите извори, сега се обидува да воспостави своја НВО-мрежа. Голем дел невладини организации што се појавија во последниот период, а се сметаат блиски до ВМРО-ДПМНЕ, не трошат многу пари, па немаат ниту обврска да прикажат кој им ги дава. Друг начин за прикривање на потрошените средства е прикажувањето членарина. И тука рацете на политичарите што евентуално дале пари за организацијата се чисти, бидејќи основачите и членовите прикажуваат дека платиле членарина за која не мора да имаат покритие.
Ставот на експертите, пак, е дека во Македонија речиси не постои граѓанско здружување без мешање на политиката. Професорот Јован Донев од институтот „Евробалкан“ вели дека еден од проблемите што ја доведуваат Македонија во ваква ситуација е тоа што кај нас не постојат мецени што би ги финансирале невладините организации без никакви условувања.
- Во таквата ситуација, невладиниот сектор е принуден пари да бара од Владата, од донаторите или од други центри на моќ. Трите начини на финансирање отвораат можности за влијание на политиката во граѓанскиот сектор - вели Донев.
Ваквото финансирање придонесува да се роди уште еден проблем. Невладините организации мораат своите проекти да ги приспособуваат на барањата на политичарите, што е спротивно од правилото дека тие треба да произлегуваат од потребите на општеството.
„Случајни“ протести
На тапет на јавноста често се наоѓа фондацијата „Институт отворено општество“ - во предизборниот период затоа што објави конкурс за десетина новинари што требаше да поминат тримесечна обука за односите ЕУ - Македонија, а потоа да бидат вработени во некои од македонските медиуми. Во оваа акција, дел од јавноста виде трошење странски пари во полза на опозициската СДСМ.
Фондацијата, која во јавноста се поврзува со социјалдемократите, се најде на удар и кога се случија последните протести против изградбата на црква на скопскиот плоштад. Дамјан Здравев, еден од организаторите на протестот, кој поднесе иницијатива до Уставниот суд за изградбата на црква на плоштад, случајно или не, беше и учесник на трибината на Движењето граѓани за европска Македонија во Охрид минатиот месец, кога се разговараше за проблемите и перспективите на државата. Во последниов период Здравев можеме да го видиме на повеќе трибини на ова движење чиј иницијатор меѓу другите е токму Владимир Милчин, директор на фондацијата „Институт отворено општество“, кој исто така присуствуваше на протестите против изградбата на црквата.